Свет
Изградба на брана во Турција уништува град стар 12 илјади години (ВИДЕО)
Секој ден од бреговите на реката Тигар во југоисточна Турција стотици луѓе гледаат како поради изградбата на брана пред сопствените очи им го снемува древниот, 12.000 години стар град Хасанкејф.
Поради изградбата на џиновската, 135 метри висока брана Илису, 80 километри од градот населен повеќе милениуми, Хасанкејф и околните области ќе бидат поплавени.
Поради проектот Југоисточна Анадолија, со кој владата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган планира да поттикне економско заздравување во најнеразвиениот дел од земјата, ќе бидат раселени 80.000 луѓе од 199 села, а под безмилосната сила на водата ќе исчезне урбаната населба која ги поврзува модерното време, среднот век, антиката и оди сѐ до предисторијата – помладата камена доба.
На тоа место површината на езерото би требало да биде 60 метри над денешното средно ниво на Тигар, што ќе значи дека ќе бидат поплавени 80 отсто од локалитетот Хасанкејф и околните населби, вклучувајќи и 300 историски наоѓалишта кои сѐ уште не се истражени.
Сериозни забелешки на проектот има соседен Ирак кој се плаши дека изградбата на браната би можела поприлично да го загрози нивното снабдување со вода од Тигар.
Некои аналитичари заклучуваат дека Ердоган планира да го користи системот брани по Еуфрат и Тигар за да го контролира снабдувањето со вода не само во Ирак туку и во Сирија, односно како средство за политички притисок.
Ирачки активисти предупредуваат дека оваа брана ќе го намали протокот на Тигар кон Ирак за 40 отсто, дека квалитетот на водата ќе се влоши, дека таа ќе стане посолена, а поради тоа и несоодветна за пиење и за наводнување во Ирак.
Во областа каде што се гради браната населението главно го сочинуваат Курди со нешто малку Асирци. До 80-тите традиционалните пештери покрај реката ги населувале Асирци и Арапи христијани, но тие потоа главно се отселиле во Германија, Франција и Швајцарија поради војната на турската влада против курдската Работничка партија на Курдистан (ПКК).
Изградбата на браната почна во 2006 и во тој проект беа спремни да учествуваат Германија, Австрија и Швајцарија, но сите три земји ја повлекоа својата финансиска поддршка во 2009.
Браната Илису ќе произведува 1.200 мегавати електрична енергија и ќе биде четвртата најголема турска брана по количеството на произведена енергија.
Приодите до тој историски уникат кој ќе биде засекогаш избришан ги чува полицијата и во него можат да влезат само жителите со специјални дозволи од локалните власти за да ги соберат своите преостанати сопствености.