Македонија

Извештајот за „Усје“ се разгледува, а не се кажа колку загадува цементарницата

Ако има пропуст Цеметарницата „Усје“ ќе биде казнета, изјави министерот за животна средина Насер Нуредини како одговор на новинарско прашање. Тој рече дека ќе се разгледува извештајот од вонредниот инспекциски надзор и дека јавноста можеби уште денеска ќе биде информирана, но одби да каже прецизно, иако беше прашан, дали тој ги има видено резултатите од мерењата и дали досега министерството има сознанија дека цементарницата го загадува воздухот во Скопје.

„Во соработка  на Државниот инспекторат за животна средина и локалниот инспекторат на Град Скопје, односно на барање на инситуции од државата и од Градот, била направена вонредна инспекција на „Усје”. Резултатите ги имаме, сега ние го разгледуваме извшетајот и ќе продолжиме со тие процедури што се законски потребни и ако има некоја пропуст, ќе има и санкции на таа фирма. Целосно, транспарентно ќе го презентираме извештајот откако ќе биде разгледан“, рече министерот.

На прашање дали ги отфрлува обвинувањата на градоначалничката Данела Арсовска, тој одговори дека не, но, „како министерство, не преземаме кривична против никого”.

Вчера градоначалничката на Скопје Арсовска рече дека при вонредни мерења се утврдило дека цементарницата прави огромни загадувања на воздухот што влијаат на квлалитетот на воздухот во целиот град и најави кривична пријава. Набрзо по нејзината изјава, цементарницата се огласи со соопштение во кое наводите на Арсовска ги нарече неточни и нагласија дека испуштањето на гасови е под законските граници.

Во однос на загадувањето на воздухот во Скопје од генерален аспект, министерот Нуредини рече дека според странска анализа што траела една година, од 35 отсто до 45 проценти загадувањето во градот Скопје доаѓа од палење на биомаса. На второ место се возилата, за жал тие се со стар датум на производство, рече Нуредини, а на трето место, нагласи, е индустријата.

„Нашата стратегија во Владата е да направиме измена на начин на греење во Скопје. Но, клучот на целиот проблем ќе биде секундарна и терцијарна мрежа за гасовод во нашата држав“а, подвлече министерот.

Во однос на забелешката од новинарите дека Владата само препорачува мерки од типот „лица над 60 години, болни и бремени жени да не излегуваат кога воздухот е загаден“, а не ги обврзува институциите, Нуредини рече дека општините се тие што треба да обврзат на вакви мерки, а дека Владата потсетува и затоа препорачува.

Нуредини присуствуваше на отпочнување на изградба на фекална канализација во населеното место Страчинци во Општина Гази Баба.

Тагови

Поврзани вести