Македонија
Зошто се препорачува трета доза вакцина за сите граѓани и дали ќе има “строги мерки” за нејзино примање?
Не се планираат нови антиковид-мерки зашто е намален бројот на хоспитализирани, болниците не се оптоварени и се празнат. Трета доза им се препорачува на сите граѓани, без оглед на возраста и дали се хронично болни.
Според министерот за здравство Венко Филипче, состојбата со заразата со КОВИД-19 сега е стабилна зашто континуирано повеќе денови има речиси идентичен број нови случаи – меѓу 450 и 500, но насекаде низ државата е сè помал бројот на тие што болнички се лекуваат и сега се околу 500. Филипче вчера изјави дека некои клиники, како Клиниката за уво, грло и нос и болницата во Козле, веќе се враќаат во нормална работа и нема да сместуваат КОВИД-пациенти.
Во вчерашниот здравствен билтен беа регистрирани нови 185 случаи од 1876 тестирања во 24 часа. Евидентирани беа 523 оздравени пациенти, 12 починати и дополнително тројца во периодот 29 септември – 3 октомври 2021. Со новата статистика, бројот на дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава достигна 192 654. Оздравени се 174 148, починати 6719, а активни случаи има 11 787 во целата држава.
Целосно вакцинирани се 734 000 граѓани. Од петокот е затворен пунктот во салата „Борис Трајковски” и сега за вакцинација функционираат седум поликлиники во рамки на Здравствениот дом Скопје, во две смени. Филипче на прес-конференција информираше дека вакцини има доволно – на располагање се околу 260 илјади дози „Фајзер”, 45 000 дози „Синовак”, 100 илјади дози „Астра Зенека”.
Министерот за здравство соопшти дека 47 отсто од полнолетната популација примила најмалку една доза, а од вкупното население 38,2 проценти. Посочи дека има голема разлика од општина до општина.
Освен со сувопарни статистички информации без анализа, министерството за здравство не излезе со објаснување зашто граѓаните би примиле трета доза вакцина и дали со претходните две дози нема заштита. Исто така се поставува и лигично прашање дали во скора иднина не очекуваат т.н. “строги мерки” за оние граѓани кои нема да имаат трета доза вакцина и до која мера може да бидат “строги” без да ја нарушат човековата слободата?
Истражувањата во Америка велат:
Ефективноста на вакцината против Ковид -19 на производителот „Фајзер и Бионтек“ се намалува на 47 проценти од 88 проценти, шест месеци по втората доза, укажуваат податоците на американските здравствени агенции.
Податоците, кои беа објавени вчера во медицинското списание „Лансет“, првично беа објавени во август пред експертската ревизија. Анализата покажа дека ефективноста на вакцината во спречувањето на хоспитализација и смрт од коронавирус останува висока на 90 проценти најмалку шест месеци, дури и против многу заразниот делта-сој на коронавирусот.
Според истражувањето, ефикасноста на вакцината против делта-сојот била 93 проценти по првиот месец, а се намалила на 53 проценти по четири месеци. Во споредба со другите варијанти на коронавирус, ефикасноста паднала од 97 проценти на 67 проценти. Американската администрација за храна и лекови ја одобри употребата на третата доза од вакцината „Фајзер и Бионтек“ за постари лица и оние со висок ризик од инфекција.
Дали на мала врата се истакнува неефикасноста на вакцините или сепак се остваруваат предвидувањата кои велеа дека ќе се оди во редовна неколкумесечна вакцинација. Тука се поставува прашање дали може вакцината да се нарече “вакцина” со оглед на тоа дека не делува во заштита од вирусот, додека во меѓувреме светските фармацевтски индустрии заработуваат огромни суми на пари кои се мерат во миљарди долари.