Македонија
Злетовска река ќе се чисти од тешки метали
Кинеска соја може да го исчисти долниот тек на Злетовска река од тешки метали. Иако истражувањата се уште се во тек, првичните резултати се позитивни. На решавање на проблемот работат универзитетски професори од Македонија и Кина. Нивните заеднички проекти доаѓаат десетина години откако Јапонската агенција за меѓународна соработка Џајка, во реонот на Злетовска река откри присуство на тешки метали. Поради тоа беше сменета и трасата за наводнување од хидросистемот Злетовица.
„Започнавме со производство на растително производство со кое почнува чистењето на почвата од тешки метали. Потоа во континуитет се иде со испитување на количеството на тешки метали“, вели Љупчо Михајлов – декан на Земјоделски факултет при УГД
Во нивите, но и водата долж Злетовска река има висока концетрација на арсен, кобалт, никел, олово и цинк. Најмногу има кадмиум. Она што загрижува е што земјиштето се обработува, а кадмиумот заедно со оловото лесно се пренесува во растенијата, па одтаму и кај човекот. Може да предизвика болести на црниот дроб и коските. За научниците фиторемедијацијата е најдобро и најевтино решение. Пресметките говорат дека препокривање или замена на загадена со незагадена почва за само еден хектар чини околу 300.000 долари.
„Постојат сорти на соја кои имаат извонредно голем био-акомулирачки фактор, односно способност да ги исцрпуваат тешките метали“, вели Љупчо Михајлов – декан на Земјоделски факултет при УГД
Досега јавно не се објавени истражувања за степенот на загаденоста на просторот околу Злетовска река. Но истражувањата правени пред повеќе од десетина години утврдиле дека 36 проценти од испитаната пченица во 2006-та година имала висока концентрација на тешки метали. Повиско ниво на тешки метали се откриени и во оризот и пченката.