Живот
Земјата можеби била планета без континенти пред 3 милијарди години
Хемиските траги во античката океанска кора упатуваат на „воден свет“.
Научниците откриле докази дека пред повеќе од 3 милијарди години целата планета Земја била покриена со океан, кој ја претворил во „воден свет“.
Значајни хемиски траги биле забележани во античко парче океанска кора, што укажува дека планетата некогаш била без континенти.
Ако наодите бидат потврдени со понатамошна работа, тие ќе им помогнат на истражувачите да ги преработат своите теории за тоа каде и како се појавил првиот едноклеточен живот на Земјата и кои други светови може да бидат населиви.
„Раната Земја без појава на континенти може да личела на ‘воден свет’“, што потенцијално ги дало важните еколошки услови за потеклото и еволуцијата на животот на Земјата, како и за неговото можно постоење на друго место“, пишуваат научниците.
Босвел Винг, од Универзитетот во Колорадо, Болдер, и неговиот поранешен постдокторски студент Бенџамин Џонсон, сега на државниот универзитет на Ајова, го почнале проектот за да дојдат до нови податоци во дебатата за тоа како изгледала античката Земја.
Нивната работа се фокусирала на геолошкиот локалитет наречен Панорама дистрикт, во северозападна Австралија, каде што се наоѓа хидротермички изменета плоча од океанското дно стара 3,2 милијарди години. Скриени во античката кора се наоѓале хемиски знаци за морската вода што ја покривала Земјата во тоа време.
Научниците се фокусирале на различните видови кислород што морската вода го внела во кората. Конкретно, тие ги анализирале релативните количества на два изотопи, кислород-16 и малку потешкиот кислород-18, во повеќе од 100 примероци од каменот.
Откриле дека морската вода содржела повеќе кислород-18 кога кората се формирала пред 3,2 милијарди години. Најверојатно објаснување, веруваат тие, е дека Земјата во тоа време немала континенти, затоа што кога тие ќе се формираат, глините во нивниот состав ги апсорбираат океанските тешки кислородни изотопи.
„Без континенти над океанот, вредноста на кислородот би била поинаква од денес, што е токму она што го најдовме“, рече Џонсон. „А тоа е различно на начин што најлесно се објаснува кога нема земјиште врз кое би врнело и кога нема формирање почва“.
Наодите не значат дека Земјата во тоа време била целосно без копно. Научниците претпоставуваат дека овде-онде од океанот можеби имало изникнати мали „микроконтиненти“. Но тие сметаат дека на планетата немало огромни континенти богати со почва како оние што денес доминираат на Земјата.
„Замислувам слика слична на глетката кога се приближувате кон островите Галапагос од запад: огромни пространства океански води на север и на југ со мали вулкански карпести островчиња, кои едвај ѕиркаат над површината на океанот“, вели Винг.
Можни се и други објаснувања, забележуваат истражувачите. Истата хемиска трага би можело да се појави доколку континентите во далечното минато се формирале далеку побавно отколку денес, или ако континенталните глини што ги апсорбираат тешките кислородни изотопи се формирале во морето, а не на копно.
Останува мистерија кога се формирале првите континенти, најверојатно преку постепено забавување на губењето на топлината од внатрешноста на Земјата. Но пред околу половина милијарда години, на Земјата доминирал суперконтинентот Гондвана, која траел и во периодот јура, до пред околу 180 милиони години. Винг сега планира да ги погледне сразмерите на кислородниот изотоп кај помладата океанска кора со надеж дека ќе открие кога се појавиле светските континенти.
„Најстариот зачуван континентален материјал е стар околу 4 милијарди години и за последователниот раст и појавата на континенталните копнени маси постојано се дебатира“, вели Алан Хасти, вулкански петролог на Универзитетот во Бирмингем.
„Научниците од планетава користат различни методи за да се обидат да проценат како се менувал волуменот на континентите со текот на времето. Ова е важно затоа што вулканизмот поврзан со растот на континентот и ерозијата на копнените маси го менувал составот на океаните и атмосферата на Земјата. Затоа, секоја нова студија што ќе ни помогне да го откриеме степенот на појавувањето на континентите е добредојдена“, додаде тој.