Македонија

За прилепските пчелари добра производна година, но лоша за трошоците кои влијаат на цената на медот

Пчеларите од прилепско се задоволни со годинашново медопроизводство, но лошата година со зголемените трошоци најавува повисока цена на медот. Пчеларите сè уште ја водат битката со нелојалната конкуренција.

Како што објаснува Љупчо Ѓорѓиески, претседател на пчеларското здружение „Братство“ од Прилеп, состојбата во македонското пчеларство е сложена и комплексна како и во другите земјоделски гранки.

– Помина уште една пчеларска година од која може да речеме дека сме релативно задоволни. Годината е просечно добра, зашто минатите години беа со послаб принос. И пчеларството е погодено од климатските промени, но оваа година приносот е релативно добар и може да кажеме дека сме релативно задоволни. Тоа е така во низинските и ниските делови, а приносот е послаб во планинскиот дел. Но се судираме со бранот на поскапувањата. Дрвената маса од која се изработуваат сандаците е поскапена, како и лекарствата, репроматеријалите, шеќерот кој го употребуваме во прихраната на пчелите. Кружат шегите дека пчелите не одат на нафта, но ние одиме додека стигнеме до пчеларниците и ги зголемува трошоците, објаснува Ѓорѓиески.

Нелојалната конкуренција бара инспекциски контроли и испитувања колку и дали е вистински медот што се продава по маркетите. Има увоз, но проблем станува таканаречениот „пекарски“ мед.

– Дел се увезува како „пекарски“ мед, што не е мед, дел се увезува од Молдавија по пониска цена и дополнително му се додаваат некои состојки, па на крајот прашање е колку е тоа мед што се продава. Тука треба да реагира ветеринарната инспекција, да се земаат мостри од големите маркети, да се испита што е тоа што се продава и ако се продава како „пекарски“ мед, да се декларира дека не е вистински мед. оти, сето што е во малопродажба сега, е – мед. Но платежната (не)моќ си го прави своето. Во секој случај, нелојална конкуренција, вели Ѓорѓиески.

Малопродажната цена на медот се зголемува, но според Ѓорѓиески, се трудат да ја следат куповната моќ на граѓаните. В земјасва потрошувачката на мед од 2 до 3 килограми по жител е мала но тоа не е дека граѓаните не ја знаат вредноста на медот, туку поради високата цена на најслаткиот пчелин производ.

– Моменталната цена е 500 до 600 денари. Засега е таа во Прилеп, во други градови има и повисоки цени. Генерално, околу 600 денари со тенденција да се зголеми. Се раководиме според можностите на граѓаните. Моментално кај нас се трошат 2-3 килограми по глава на жител што е поразително малку. Не дека Македонците не се едуцирани за корисноста на медот, туку за голем дел цената е недостапна и свесно го избегнуваат, вели Љупчо Ѓорѓиески, претседател на прилепското пчеларско здружение „Братство“.

Пчеларот Марјан Петроски нагласува дека климатските промени го земаат данокот во медопроизводството. Потребен е развој и засадување површини со медоносни растенија.

– Треба сериозно да се размисли за последиците од климатските промени. На пчелите им е потребна квалитетна паша. Затоа, засадувањето на површини со медоносни растенија е многу битно. Да се обезбеди развој на оваа гранка, вели Петроски.

Според пресметките, во земјава има околу 315 000 пчелни семејства и секое носи од 8 до 10 килограми мед, пренесува vecer.press

Тагови

Поврзани вести