Вести

Зачестени пожари во Преспа

Територијалната противпожарна единица во Ресен последниве денови зачестено итервенира на запалени земјоделски површини во Преспа.

Командирот Ристе Илиевски за МИА информира дека само вчера имале пет интервенции, а пред три дена имало дури седум повици за гасење пожар во еден ден. Најчести причинители на пожарите се земјоделците, кои ги палат гранките од изрежените овошки и стрништа.

– Апелираме до месното население да внимаваат при палењето оган на отворени површини, односно доколку има и мал ветер да не ги палат стрништата и гранките што ги режат од овошките. Ние ќе имаме и состанок со месните одбори, да им укажеме на последиците што може да се предизвикаат од мало невнимание, изјави Илиевски.

Поради зачестени пожари на отворен простор и Општина Ресен упати апел до граѓаните да не палат меѓи, стрништа, трески од резидба и друг отпаден материјал и да внимаваат на отпушоците и друг запалив материјал во полето.

– Туристите, излетници, шумски работници и овчари да не палат оган на отворен простор, а граѓаните активно да се вклучуваат во процесот на гасење на пожарите на територијата на општината, апелира Општина Ресен.

Доколку граѓаните забележат пожар веднаш да ја известат противпожарната служба на 193 или да се јават во Полициската станица Ресен на 192, односно Центарот за управување со кризи 195.

Тагови

Поврзани вести