Македонија

Започна ловната сезона во Пијанец

Започна ловната сезона во Пијанец. Групата од пет ловџии на терените кај месноста Луковица во атарот на селото Разловци утрово го забележа и првиот отстрел на дива свиња.

Според Новко Илиевски вепарот е тежок околу 120 килограми и е еден од вкупно петте диви свињи кои ги забележале на стартот од ловната сезона.

-Од денеска почна ловната сезона. Групата ни е составена од 5 члена и за среќа имавме успех да го забележиме и првиот плен. Вепарот е уловен во атарот на Разловци кој е дел од едно од вкупно седумте ловишта кои потпаѓаат под Ловното друштво „Острец” од Делчево, вели Илиевски.

Во оваа група како што додава е и еден од најстарите ловџии во регионот.

-Со нас денес е и Бранко Малчев кој е еден од најстарите ловџии. Неговото искуство ни е драгоцено, бидејки најдобро од сите нас знае каде поминуваат дивите свињи. Денес забележавме околу 5-6 диви свињи, вели Илиевски.

Првата недела од почетокот на ловната сезона како што додава Илиевски е резервирана исклучиво за диви свињи, додека од другата недела почнува и ловот на зајак и друг вид дивеч.

Во Пијанечкиот регион има вкупно седум ловишта меѓу кои Киселица Голак, Бигла, Влаина, Тработивиште, Бејаз Тепе – Средна. Ловот е дозволен секоја недела и за време на државен празник.

Тагови

Поврзани вести