Македонија
Започна анкетирањето на жителите за поставување видео надзор на локалитетот Барски еко-систем „Езерце“
Од Општина Пехчево ги информираат граѓаните дека во согласност со важечката законска регулатива во тек е постапка за поставување видео надзор, се со цел да запре уништувањето на урбаната опрема кај споменатата локација.
Видеонадзорот ќе се поставува исклучиво во функција за заштита на зелени површини, за заштита на урбаната опрема, заштита на пешачки патеки, заштита од диви депонии, односно да се зачува јавното добро ставено во функција на граѓаните и купено со парите на граѓаните, како и да бидат минато сликите од уништена урбана опрема – истакнаа од Општината.
Оттаму додадоа дека системот ќе функционира во согласност со законите.
– Во таа насока, на општинската веб-страница е активна јавната анкета на која граѓаните можат да дадат свое мислење, дали се за или против поставување видеонадзор на споменатата локација. Анкетата ќе помогне за да се слушне мислењето на граѓаните, со цел да продолжи постапката за поставување видеонадзор на локалитетот „Езерце“, кој е честа мета на несовесни граѓани – објаснија од Општината.
Барскиот еко-систем Езерце, во Пехчево, е проект реализиран преку Програмата за зачувување на природата со финансиски средства издвоени од буџетот на Општина Пехчево.