Свет
Замрзнати балончиња: Опасни формации во најголемото вештачко езеро во Алберта
Зошто туристите го сакаат ова езеро, посебно оние кои се занимаваат со фотографија? Тие не доаѓаат ни поради сината боја, ни поради околината, ни поради големината на езерото. Нив ги привлекува една наизглед убава, но всушност опасна појава.

Езерото Абрахам е посетено место во лето, но сепак туристите најмногу сакаат да го посетат во зима, кога е замрзнато. На површината на езерото, и во длабочините во кои е малку потешко да се погледне, се наоѓаат замрзнати меури кои формираат “столбови”.
Наизглед навистина делуваат како интересни бели формации во контраст со темното езеро, а тие замрзнати кругови може да бидат многу опасни за човекот и природата. Замрзнатиот “украс” на езерото всушност е заледен гас метан, кој се формира кога органските материи, мртвите билки или животни ќе потонат на дното на езерото. Кога ќе се распаднат – испуштаат метан.
Гасот настојува да излезе на површината, но поради ниските температури од него настануваат бели кристали замрзнати во колони. Тогаш кога температурите ќе пораснат, мразот почнува да се топи и метанот го пронаоѓа патот кон површината.
Метанот е 25 пати поштетен од јаглерод-диоксидот кој се наоѓа во атмосферата, пишува “All Thats Interesting”, а во езерото Абрахам го има многу повеќе, бидејќи езерото потопило многубројни органски материи кои испуштаат гас.
Додека мирува, метанот не претставува проблем, но со глобалното затоплување и топењето на пермафростот во атмосферата ќе бидат ослободени големи количини од штетниот гас.