Македонија
Загадувањето „загарантирано“ и оваа зима, надлежните со „козметички“ и ПР мерки
Скопје веќе години наназад се соочува со хроничниот проблем на аерозагадувањето. И периодов, на прагот на зимската сезона, прогнозите се песимистички.
Невообичаено топлото време за овој период од годината како последица на климатските промени делумно придонесува за ПМ честичките одново и одново, со посилен интензитет да се навраќаат во нашата атмосфера. Социјалните мрежи „вријат“ од апели и пораки надлежните да ги мобилизираат сите расположливи ресурси и „да го одврзат кесето“ за справување со отровната тортура.
Во Македонија сѐ уште нема развиена свест за ранливоста на земјата во однос на опасностите што ги носат климатските промени, кои ни се случуваат пред очи, за што најдобро говори податокот дека од 1987 година наваму речиси секоја година се евидентирани топлотни бранови, што не било случај претходно. Според сите сценарија, во наредните педесетина години не очекуваат потопли лета и помалку врнежи.
„Ќе биде загадено како и претходните години, колку – најмногу зависи од временските прилики. Ако имаме среќа како претходните две години да имаме повеќе ветровити денови, да немаме магла, температурни инверзии, може и нема да достигнеме четирицифрени вредности или повеќедневен континуитет од алармантни вредности“, велат од Иницијативата за чист воздух О2.