Македонија
Загаденоста на реката Вардар се поголема, колектор за отпадни води сеуште нема
Пластични шишиња, кесиња, шут, ќебиња, хартии, торби… Вакви предмети ќе најдете во водите на реката Вардар. Со децении никој не ја исчисти нашата подвижна депонија. Од неа се фрла покуќнина, бела техника, па дури и стари и скапани автомобили. Скопје нема ниту пречистителна станица за отпадни води, па така, фекалиите завршуваат директно во водите на Вардар. Сите власти ветуваа почиста река, а таква акција за Вардар уште пред две години најави и актуелниот градоначалник, објавува alsat-m.tv.
„Очекувам дека колекторскиот систем ќе биде завршен до 2020 година. Таа година се очекува голем меѓународен тендер за изградба на пречистителна станица на Градот Скопје , по што ние предвидуваме да биде завршена во 2023 и Скопје конечно да добие сина вода на реката Вардар“, велеше градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во 2018 година.
Но, колекторскиот систем не е воопшто завршен. Требаше да биде изграден до февруари. Од Министерството за животна средина за Алсат велат дека 75 отсто се завршени, но не се знае точно кога ќе биде довршен. Скопски водовод допрва ќе избере фирма која ќе ја гради пречистителната станица.
За прочистувањето на водите кои се влеваат во Вардар во делот на Скопската котлина, државава има на располагање 136 милиони евра европски пари. Дел се заеми, дел неповратни грантови, но сè уште не се сите обезбедени.