ЕдукацијаПрирода

Заборавените херои на градовите

Дрвјата се еден од оние елементи што постојано ни се пред очи, а ретко им обрнуваме вистинско внимание. Стојат таму, високи и раширени, како да го допираат небото – и ние поминуваме покрај нив како да се дел од сценографијата. Позадина. Нешто што „едноставно си е таму“.

А всушност, дрвјата се сè, само не тоа.

Тие имаат огромно влијание врз квалитетот на нашиот живот, врз здравјето, домовите и планетата. Иако се вкоренети на едно место и изгледаат мирно, дрвјата никогаш не мируваат. Тие постојано работат – тивко, упорно и далеку од очите. Ефектите од нивната „работа“ се чувствуваат многу подалеку од местото каде што растат.

На глобално ниво, дрвјата се едно од наједноставните и најефикасните оружја што ги имаме против климатските промени. Тие го прочистуваат воздухот, го апсорбираат јаглеродот и создаваат услови за живот на безброј видови. Ја чуваат биолошката разновидност и ги одржуваат екосистемите во живот.

Еден јасен пример се прстенестоопашестите лемури – едни од најзагрозените животни во светот. Причината? Половина од шумите во Мадагаскар, од кои директно зависат, се уништени.

И лемурите не се исклучок. Околу 80% од сите копнени животни, растенија и инсекти живеат на или околу дрвја. Пеперутки, лилјаци, птици, жаби, мечки… па и оние верверички што бегаат од кучето во твојот двор.

Иако ние луѓето не живееме по гранките, дрвјата можат директно да ни го спасат животот.

Само во 2022 година, топлотните бранови во Европа предизвикале околу 20.000 смртни случаи. Научниците велат дека дрвјата се клучни во борбата против таканаречените „урбани топлотни острови“. Според нив, ако градовите ја зголемат дрвната покривка за 30%, илјадници животи би можеле да бидат спасени.

Покрај тоа, престојот во природа – особено меѓу дрвја – го намалува крвниот притисок, го подобрува менталното здравје и ја зголемува креативноста. Толку е силен овој ефект што во Канада лекарите веќе им „препишуваат“ на пациентите бесплатни влезници за национални паркови. Терапија на рецепт.

Каде и да има потреба, дрвјата наоѓаат начин да помогнат. Некаде се извор на храна. Некаде симбол на надеж и обновување по трагедии. Кога се засадени покрај реки и потоци, ја прочистуваат водата.

Време е да престанеме да ги гледаме дрвјата како сценографкса позадина. Време е да ги ставиме во центарот на вниманието.

Тагови

Поврзани вести