Вести
ЕУ планира царина место субвенции за електричните автомобили од Кина
ЕУ ќе се бори против вештачки намалените цени и против уништувањето на пазарите, што произлегуваат од масивната државна помош што Кина им ја дава на домашните производители на електрични автомобили.

ЕУ ќе го истражува случајот со помошта што производителите на електрични автомобили во Кина ја добиваат од државата. „Цената на овие автомобили се намалува вештачки, преку огромни државни субвенции – тоа го уништува нашиот пазар“, кажа во средата претседателката на комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лaјен, пред Европскиот парламент во Стразбур. Тоа е неприфатливо за европската политичарка. Светските пазари се преплавуваат со поевтини електрични автомобили од Кина.
Унијата ќе истражува можност да воведе казнени царини, со коишто ќе се неутрализира ефектот од високите државни субвенции, што на кинеските компании им овозможуваат производството на електрични автомобили да ги чини помалку.
Во моментов во повеќе стопански гранки се спроведуваат мерки, коишто имаат за цел да ја смалат зависноста на ЕУ од државите како Кина, и воедно им помагаат на домашните компании.
Комисијата на ЕУ во март излезе со предлог закон за снабдувањето со суровини. Со тој закон ќе се обезбеди дека ЕУ во иднина нема да зависи толку од увозот од одредени држави, како Кина.
„Постапување против практики што не се фер“
Европа е отворена за конкуренција, но не и за нерамноправен натпревар со постојано нудење под цената, кажа фон дер Лајен. „Мораме да се одбраниме од практиките што не се фер.“
Таа воедно нагласи дека мора да се задржи дијалогот со Кина. Постојат теми на коишто мора да се соработува. Претседателката фон дер Лајен на самитот на ЕУ и Кина што ќе се одржи годинава, ќе го застапува ставот дека ризиците треба да се сведат на минимум, но без да доаѓа до раздвојување.