ЕКО бизнисЕКО производи

ЕУ од производителите собрала 510 милиони евра на име казна за емисија на ЦО2

Концернот Фолксваген и Јагуар Ланд Ровер се меѓу поголемите компании што платиле казни во 2020 година, кога првпат беа воведени построги ограничувања на емисијата на штетни материи, коишто условуваа да се зглеми продажбата на возила со електрифициран погон.

Европските производители во 2020 година ѝ платиле на Европската Комисија казни во висина од 510 милиони евра, поради пречекорување на ограничувањето за емисијата на ЦО2. Тогаш беа воведени построги ограничувања, што бараа производителите значително да ја зголемат продажбата на целосно електрични и хибридни возила.

Меѓу поголемите компании што платиле казни се концернот Фолксваген и Јагуар Ланд Ровер. Вкупната казна што им била изречена на производителите не е објавена. Концернот Фолксваген наведува дека поради пречекорување на ограничувањето за емисијата на ЦО2 во 2020 година платиле преку 100 милиони евра казна.

Германскиот концерн бил за само 0,75 грами по километар над лимитот. ЈЛР во октомври 2021 година соопштија дека платиле казна во висина од 35 милиони фунти, односно околу 40 милиони евра, поради пречекорување на ограничувањето за 3 грами по километар. Станува збор за просечна вредност на емисијата на ЦО2 од сите продадени возила на производителите на автомобили.

Меѓу останатите производители што ја пропуштиле својата цел во 2020 година се Бентли, Ламборгини, ДР Мотор, Субару, Мекларен, СангЈонг.

Сузуки ја пропуштил целта за 10,4 грами по километар, покажуваат броките на ЕУ, што значи дека јапонскиот производител платил казна во висина од 1.000 евра по секое продадено возило во Европа. Со продадени 160.570 возила, казната би изнесувала околу 160 милиони евра.

Субару ја пропуштил целта за 34 грами, што прави 3.230 евра казна по возило. Со продадени 16.176 продадени возила, казната би достигнала 52 милиони евра.

Лимитот за ЦО2 во 2020 година беше поставен на 95 грами по километар според стариот циклус на мерење НЕДЦ, односно околу 120 грами по километар, според новиот циклус ВЛТП. Секој производител посебно има различна висина на лимитот, што се одредува врз основа на тежината на возилото. На потешките возила им се дозволува повисока емисија. Производителите што го пречекоруваат лимитот се соочуваат со казна во висина од 95 евра по секој грам над лимитот, по секое продадено возило. Парите што ги собира ЕУ од казни одат во заеднички фонд.

Постојат уште бројни посебни ограничувања, за регионални дистрибутери, за производители на доставни возила и камниони, како и за возила со високи перформанси.

Повеќето големоволуменски производители ги соединија своите марки во т.н. пулови за емисија. Остантите производители се здружија со конкурентите што имаат висока продажба на батериски електрични возила. Во 2021 година, Јагуар Ланд Ровер и Хонда се здружија со Тесла. Во друг пул, концернот Фолксваген се здружи со кинески САИЦ, којшто ги произведува возилата на марката МГ.

Оваа стратегија и зголемувањето на продажбата на батериски електрични и приклучни хибридни возила им помогна речиси на сите производители да ги избегнат казните во 2021 година. ЕУ тогаш наплатила само 10 милиони евра казна. Меѓу компаниите што го пречекорија ограничувањето се Бугати и Ферари.

Разлика во однос на лимитот за емисија на ЦО2

Најновите достапни податоци од Европската Унија се однесуваат на 2022 година и покажуваат колку просечната емисија на ЦО2 се разликува од ограничувањето. Колку просечната емисија е под лимитот, толку е подобро за производителите.

 
1 ТЕСЛА-ХОНДА-ЈЛР 50 137
2 КИА 100 112
3 ХЈУНДАИ 101 113
4 СТЕЛАНТИС 103 118
5 РЕНО-НИСАН-МИЦУБИШИ 105 110
6 БМВ 105 127
7 МЕРЦЕДЕС-БЕНЦ 112 127
8 ФОРД 113 123
9 МАЗДА – СУБАРУ –
СУЗУКИ – ТОЈОТА
114 119
10 ФОЛКВАГЕН 119 122

Единствено Бугати не ги исполни лимитите за 2022 година

Последните резултати се за 2022 година и Европската Комисија ги објави на 18-ти март. Единствен меѓу 91 производител што го пропушти таргетот е Бугати. Тие сепак продадоа само 30 возила во Европа и со тоа не подлежат на казна.

Европската комосија објави и колку секој производител ја пречекорил емисијата на ЦО2 над лимитот. Некои производители, односно пулови на производители, се дури и далеку под лимитот. Тоа важи за Тесла-Хонда-Јагуар Ланд Ровер, што се 86 грами под таргетот. Секако дека тоа се должи на продажбата на електрични возила Тесла.

На спротивниот крај на табелата се концернот Фолксваген, со 3 грами по километар над таргетот, како и Тојота-Мазда-Сузуки-Субару, со околу 4 грами над таргетот.

Следното поголемо ограничување ќе се постави за 2025-2029, кога вредноста за цел продаден возен парк ќе се спушти за уште 15 проценти. Лимитот тогаш ќе изнесува 93,6 грами на километар, мерено според циклусот ВЛТП. За периодот 2030-2034, ограничувањето се спушта на 49,5 грами на километар, што е за 55 проценти под вредноста од 2021 година. Почнувајќи од 2035 година, во ЕУ ќе биде дозволено да се продаваат само целосно електирчни возила, односно возила со нулта емисија на ЦО2.

Забавувањето во продажбата на батериски електрични возила дополнително им ја усложни ситуацијата на производителите. Тие сега ќе треба да ја зголемат продажбата на поскапите приклучни хибриди, за да ги исполнат таргетите. Од 2020 до 2022 година, постојано се смалуваше емисијата на ниво на возен парк: за 12 проценти во 2020 година, 13 проценти во 2021 и 5,3 проценти во 2022 година, со тоа што уделот на целосно електрични возила во вкупната продажба достигна вредност од 14 проценти во 2022 година.

За годинава е неизвесно дали ќе може да се продолжи со истата динамика на смалување на емисијата. Првичните бројки од аналитичарите Датафорс за првите два месеци од 2024 година, покажуваат дека продажбата на батериски електрични возила пораснала за 20 проценти, за разлика од 28 проценти во 2023 година. Електричните возила сепак растат побрзо отколку што расте целиот автомобилски пазар, што е околу 10 проценти. За 11 проценти пораснала и продажбата на приклучни хибриди, наспроти 2023 година, кога продажбата се движеше по рамна линија.

пенесува automedia.mk

Тагови

Поврзани вести