Македонија

Еко-мапа за борба против климатските промени

Во рамки на вториот ден од Националната конференција за климатски промени денеска ќе биде презентирана еколошката алатка за граѓаните Еко-мапа www.ekomapa.mk. Конференцијата почна вчера и онлајн ќе се одржува до 9 април.
Конференцијата е завршна активност на тригодишниот проект „Да зборуваме за климатските промени“ што го реализираат „Еко-свест“, CNVP (Connecting Natural Values for People) и Движењето на екологистите на Македонија.
Во рамките на програмата на конференцијата ќе биде промовирана еколошката алатка екомапа.мк, ќе се зборува за визиите и целите за справување со промените во климата, за изработка на закон и стратегија за климатска акција и презентација на анализа за правни инструменти за климатска акција. Ќе се одржат и работилници за климатска акција, ќе се зборува и на темата за можностие за попаметно греење, како и за намалувањето на загадувањето на воздухот, водата и почвите. На 7 април ќе се одржи тркалезна маса на тема „Патот кон праведна транзиција“, а ќе се дискутира и на темата како да се прилагодиме кон климатските промени?.
Како дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ беа спроведени обуки наменети за граѓанските организации од земјата активни во секторите животна средина, рурален развој, шумарство. Целта на обуките беше подигнување на капацитетите на граѓанските организации за поуспешно и поефикасно работење на организациите, меѓутоа и подигнување на капацитетите на граѓанските организации за разбирање на климатските промени и комуницирање на оваа проблематика со пошироката јавност.
Главната цел на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ е да создаде национална коалиција за клима чии членки ќе бидат силни и добро информирани граѓански организации способни да ги пренесат пораките од своите заедници до политичките лидери.

Тагови

Поврзани вести