Македонија
Еко Дедо Мразовци по десетти пат го чистат дното на Охридското Езеро
Еко Дедо Мразовци традиционално по десетти пат го чистат дното на Охридското Езеро од отпад исфрлен од несовесни граѓани. Акциите ќе се прават до празникот Водици, со цел да се пренесе традиционалната порака „Чувајте го езерото и не користете пластика за еднократна употреба“.
Од нуркачкиот центар „Акватек“ преку видеа од акциите, ја прикажуваат штетата која се прави врз животната средина со неодговорното однесување, со цел подигање на свеста кај граѓаните.
Годинава биле направени повеќе еколошки акции за расчистување на езерото, при што бил подигнат најразличен отпад, вели Никола Паскали од „Акватек“
Најчест отпад што го среќаваме на дното на Охридското Езеро се пластични шишиња, опаковки од прехранбени производи, обувки, текстил, најлонски ќеси, различни пластични предмети кои за 50-100 години ќе станат микро пластика. Ние во едно нуркање кое трае 70 минути вадиме дури и по четири вреќи полни со прехранбени опаковки од производи, вели Никола Паскали од „Акватек“.
Паскали додава дека како центар постојано се залагаат и предлагаат иницијативи за да се престане со користење на пластиката за еднократна употреба и да се започне со користење природни материјали. Велат дека ја поздравуваат забраната на употреба на најлонски ќеси.
Ја поздравуваме забраната за употреба на најлонските ќеси. Но малку е нелогична бидејќи преку ноќ побрзо разградливите пластични ќеси станаа био-разградливи. Правилно биоразградливите ќеси не се направени од пластика, туку од друг природен материјал . Сепак ја поздравуваме иницијативата и во иднина сакаме тоа да се промени и да видиме забрана на пластични шишиња и забрана на пластика за еднократна употреба.
Паскали вели дека има зголемување на свеста кај граѓаните од пред една деценија, кога започнале со волонтерските активности и биле единствени во Охрид.
Сега во Охрид има повеќе од шест активни еколошки здруженија кои постојано нешто работат. Тоа е за поздрав, и посакувам да ги има уште повеќе и конечно да се ослободиме од овој отпад што ни ја загадува целата планета и нашето здравје, додава Паскали.