Македонија
Еко-акција за чистење на дел од охридското крајбрежје во Струга
Младинскиот тим на здружението „Аква“ и извидничкиот одред „Крсте Јон“ денеска реализираа нова еко-акција за чистење на плажата кај бротчето. Ова е втора еко-патрола организирана од тимот за заштита и чистење како дел од проектот „Мониторинг, заштита и одржливо користење на појасот трски на Охридското Езеро“.
На Денот на народното востание, како што истакна Ана Наумоска, член на младинскиот тим на „Аква“ прават востание против ѓубрето во Струга.
– Потребно е да проработи општествената свест дека заштитата и одржувањето на природата се граѓанска должност на секој од нас, да се воспостават навики и да се даде пример како да се однесуваме со природата, а ваквите акции се идеален начин да се направи токму тоа, истакна Наумоска.
Реализирањето еко-акции е честа пракса на Здружението „Аква“, неодамна тие го чистеа просторот околу детското одморалиште „25 Мај“ во Струга.
МИА