Македонија

Еколошка катастрофа на Скопска Црна Гора, некој истурил катран во шумата

Планинари од Скопје пред неколку дена останале шокирани откако во шума на Скопска Црна Гора ги пречекала вистинска еколошка катастрофа.

Низ шумата биле расфрлани пластични канистри со катран или мазут, кои некој најпрвин ги испразнил на падините на планината, а потоа и ги оставил во шумата. Талог од катран навлегол длабоко во почвата.

Зоран Тодоровски е еден од планинарите кои биле сведоци на оваа глетка. Тој појаснува и каде точно се наоѓаат овие контејнери, изразувајќи надеж дека надлежните ќе ја исчистат локацијата.

„Местото е на стотина метри подолу од Спирова колиба, на самата патека која води до колибата. За ова дознав од социјалните мрежи, а пред некој ден се уверив и со свои очи. Се потресов, дури и ми се слоши. Патеката е од село Бродец до колибата и уредно е маркирана и најкористена од граѓаните. До местото може да се стигне со трактор многу лесно. Ако се спроведе истрага, мислам дека многу лесно може да се најде сторителот“, изјави Тодоровски.

Според член 21 од Кривичниот законик, за загадувачите кои ќе предизвикаат значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата или почвата или опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, предвидена е казна затвор од четири до десет години, пренесува fokus.mk

Тагови

Поврзани вести