Свет
Еколошка катастрофа во Русија, градоначалникот под истрага поради излевањето на нафтата
Градоначалникот на Норилск, град на Арктикот во близина на кој се случило незапаметено загадување на природата, е под истрага, рекле руските власти.
Истрагата против Ринат Ахметчин се води поради невнимание и неспособност да се врши својата должност во кризни ситуации, се наведува во соопштението на руското истражно доверителство.
“Ахметчин, знаејќи колкава количина на гориво истекла од резервоарот, не ги преземал потребните чекори за да реагира на кризната ситуација”, додава доверителството оценувајќи дека не организирал спасувачка акција правовремено.
Градоначалникот “не организирал контрола и надзор на околината и не ги предвидел настаните и последиците” на катастрофата, се наведува во соопштението.
Ако го прогласат за виновен, му се заканува парична казна, “општествено корисна” работа и шест месеци затвор. Термоцентралата од која се излеала нафтата е оддалечена десетина километри од Норилск, индустриски град со околу 180.000 жители.
Во средата биле уапсени тројца лидери на подружницата на големата рударска компанија “Норилск Никел” во чија сопственост е централата. Обвинети се дека продолжиле да го користат резервоарот кој не бил исправен и за кој уште во 2018-та година било утврдено дека мора да се поправи. Им се заканува затворска казна од пет години.
На 29-ти мај 21.000 тони гориво се излеале од резервоарот на термоцентралата во реката Амбарнаја и околното подрачје, боејќи ги во темноцрвена бојна.
Рускиот претседател Владимир Путин прогласил вонредна состојба и го укорил олигархот Владимир Потанјин, директор на “Норилск Никел”.
Компанијата смета дека несреќата ја предизвикала топењето на пермафростот – слојот на замрзнато земјиште – што е последица од климатските промени, поради што се урнале потпорите на кои бил резервоарот.
Ова е едно од најлошите загадувања во рускиот Арктик, чувствително подрачје каде има бројни наоѓалишта на гас и нафта.