Македонија
Екологистите мобилизирани, бараат мораториум – ресорниот министер допрва најавува инспекција на терен
„Сега треба да се исправи она што се акумулирало 20 години наназад. Мора да бидат брзи и ефективни тие мерки инаку не ни се пишува добро. Да се почне од обнова на колекторот кој е главен загадувач, а после да почне рушењето на дивоградбите.” – вели Ѓоко Зороски екологист.
„Ако веќе се гради јас сум да се направи населба надвор од градот па таму нека се градат згради вили, Охрид мора да биде еколошки заштитен град” – вели Лазо Наумоски екологист.
Граѓаните на Охрид не се изненадени од новиот извештај напротив ја поздравуваат одлуката на УНЕСКО бидејќи велат само така може да запре децениското урбано дивеење. Сепак очекуваат уште една шанса.
„Мора да запре урбаното дивеење. Мора да има ред, не може веќе вака, на секој чекор се гради. Унеско донесе правилна одлука, но мислам дека Охрид ќе остане под заштита бидејќи заслужува- само да се исправат овие неколку работи.“ – велат охриѓани.
И централната и локалната власта тврдат– се постапува по забелешките на УНЕСКО.Се изработува планот за управување со природното и културното наследство а во процедура е и новиот закон за управувањето со светското наследство во регионот. Министерството за животна средина пак информира дека набргу ќе има решение и за дивоградбите.
„Што се однесува до дивоградбите, во соработка со Инспекторатот за животна средина на национално и на локално ниво ќе излеземе на терен ќе ги идентификуваме и доколку се воспостави дека се дивоградби, тогаш ќе постапуваме. Инспекторатот за животна средина секако е во тесна соработка со комуналната и градежната инспекција. Вие сте свесни дека Инспекторатот за животна средина нема ингеренции да урива нешто што не е изградено согласно законот и процедурите исто така сте свесни делка лиценците за градба се добиваат од општините“, – рече Садула Дураку министер за животна средина.
Брзи решенија треба да има за хотелот во Лагадин,дивоградбите долж езерскиот брег, Алипашината џамија, колекторскиот систем како едни од најголемите забелешки на УНЕСКО кое потенцира на целосен мораториум. Сепак крајниот збор за тоа дали Охрид ќе добие уште еден поправен ќе се знае после 30 јуни односно после седницата во Баку каде детално ќе биде разгледан вчерашниот нацрт извештај.