Македонија
Екипи на „Национални шуми“ дежураат на подрачејто на Длабочица
Пожарникарите од Старо Нагоричане интервенирале и на пожар во село Коинце каде горела плевна.

Пожарот во село Длабочица, општина Старо Нагоричане е изгаснат околу 19 часот вчера, но екипи на „Национални Шуми“ дежурале во текот на ноќта, соопштија денеска од Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане и од „Национални шуми“. Според првичните проценки, опожарени се 50-тина хектари мешана шума, бор, даб и ниска вегетација.
Командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски информираше дека биле ангажирани две противпожарни возила, седум пожарникари, тринаесет лица од кумановската подружница на „Национални Шуми“.
Заменик на генералниот директор на „Национални шуми“, Кире Михаилов изјави дека нивни екипи ќе дежураат и во текот на денот, за да не дојде до повторно разгорување на огнот.
Пожарникарите од Старо Нагоричане интервенирале и на пожар во село Коинце каде горела плевна.
Кумановските пожарникари пак, интервенирале на опожарена површини, сува трева, житни култури, лозје, нискостеблеста шума со површина од околу 50-тина хектари, пренесе информација РЦУК Куманово. Во интервенцијата се вклучило и локално население. Пожарникарите од Куманово гаселе и ѓубре во Средорек и интервенирале на опожарен автомобил на булеварот „Октомвриска револуција“.