Забава
Едноставни идеи кои ќе го претворат вашиот дом во удобно и модерно катче
Промените се задолжителни, бидејќи со нив се освежува она што е застарено или му се дава нова смисла. Ова особено се однесува на вашиот дом, бидејќи тој е вашето царство во кое ги минувате најдрагоцените моменти и потребно ви е опкружување кое ќе биде совршено. Заради таа причина потребно е одвреме-навреме да го надополнувате со нови работи и повторно да ја доживеете убавината на ентериерот кој сте го создале по сопствен вкус. Иновациите не треба да подразбираат дополнителен трошок, понекогаш промената на местото на мебелот е доволна за поразличен впечаток за просторот и може да го даде посакуваниот ефект. Ако сте во можност да одвоите пари за некоја ситница која ќе ве направи среќни и ќе го разубави вашиот дом, тогаш имаме интересни трикови и идеи за вас.
1. Украсете го вашиот камин со зеленило
Имате изградено камин во дневната соба, а не е во тек грејната сезона? Не оставајте го тој феноменален дел да остане осамен и да ги чека своите 5 минути. Ставете во него раскошна билка во саксија која има интересен раст. Повторно ќе се гледа нешто од него, а тоа нема да биде оган, и ќе изгледа навистина прекрасно. Исто така, ако постои рамна површина на врвот од каминот, тогаш може да ви послужи како одлично место за помали саксии со цвеќе.
2. Поставете тапети во кујната
Кујната често е една од просториите во која поминувате поголем дел од времето, па од таа причина можете да ја освежите со украсен тапет кој ќе го поставите на еден од ѕидовите. Вклопете го со работната површина која е главниот дел од секоја кујна. Со ова освежување можете да добиете нови кулинарски инспирации, затоа што нема што да изгубите, а вреди да испробате.
3. Поставете скулптури на необични места
Одредени делови од мебелот како што се полиците, масичките и сите други рамни површини се вообичаени места за декоративни фигури и скулптури. Направете мало отстапување од очекуваното и поставете нови или стари скулптури на необични места во домот, на пример некоја поголема скулптура покрај фотелјата. Играјте си со просторот и истакнете ги омилените украси правејќи ги повидливи отколку што биле досега.
4. Послужете се со големи, широки огледала за отворање на просторот
Ова е „наука“ која сигурно веќе сте ја слушнале и испробале, но се покажала и како најефективен начин за визуелно проширување и отвореност на просториите. Создадете впечаток на распространетост и дозволете светлината да се движи внатре во собата, правејќи ја безгранична. Овој чекор влијае и врз вашето ведро расположение додека престојувате во собата.
5. Поставете параван
Доколку имате голем празен простор, а масичките и полиците се недоволно интересни, тогаш поставете украсен параван кој ќе биде феноменален начин да го пополните просторот и кој ќе ви служи како необичен украс. Ќе го избегнете бојадисувањето на ѕидот, тапетите или закачувањето на слики, а ќе добиете ефект на модерна и елегантна просторија.
6. Креирајте детски ѕид
Детските соби се просторија во која сите работи најмногу се поместуваат и менуваат, па не морате дополнително да го правите тоа, но она што би можете да го направите е интересно украсување на ѕидот на малку поразличен начин. Пронајдете големо платно со неутрални бои на кое ќе закачите детски цртежи и така креираната декорација ќе ја поставите на ѕидот од собата. Продолжете да го дополнувате колажот со цртежи и нека вашите деца бидат сликарски уметници.
7. Ставете го акцентот на плафонот
Кога се во прашање ѕидовите од собата, тие се навистина идеално место за додавање шари, украси и сето она што може да се најде на нив. Меѓутоа, она што би можеле да го примените е да ги ослободите четирите ѕида и да го украсите плафонот. Изберете интересна шара која ќе ја пренесете на него и ќе го доживеете ентериерот на малку поразличен начин.
8. Ставете златни ламби до прозорците
Можеби е логично ламбите да бидат спротивно од природниот извор на светлина, но ако ги поставите ѕидните ламби токму покрај прозорецот, ќе изгледа привидно како надвор воопшто да не се стемнило, бидејќи светлината и понатаму допира од истиот правец. Изберете мали ламби и направете од нив рамка околу прозорецот, а тоа навистина ќе изгледа брилијантно.
9. Декорирајте го вашиот гардеробер
Секако, и ова место можете да го вброите во оние во кои поминувате најмногу време, па освен купот парчиња облека кои може да се најдат внатре во него, ставете и некои декоративни детали за промена. Разубавете го вашето омилено катче така што нема потреба воопшто да го напуштате.