Свет

ЕВРОПА ВО ПЛАМЕН: Протести против мерките за ограничувањата и слободата на движење

Со оглед на тоа што Стариот континент е нападнат од четвртиот бран на коронавирус, ковид потврдата и ограничувањата ќе бидат на сила во многу земји.

Она што започна како мирна прошетка се претвори во насилство. Палење згради, камења кон полицијата, истрели, солзавец и водени топови „завладеаа“ по градовите во Италија, Холандија, Хрватска, Франција и Австрија овој викенд.

Ротердам и „оргии на насилство“

Ноќта на улиците на Ротердам беше прилично турбулентна. На целиот свет му е познато дека граѓаните се незадоволни од повторното воведување на ковид пропусниците, но веројатно никој не очекуваше ваква ескалација на ситуацијата. Три лица се во болница во тешка состојба, бидејќи холандската полиција мораше да отвори оган врз демонстрантите кои уништија и палеа делови од градот.

Толпа од неколку стотици граѓани палеа автомобили и ја гаѓаа полицијата со камења за време на протестите во петокот вечерта. Припадниците на безбедносните сили одговорија со предупредувачки истрели и водени топови. Властите соопштија дека за време на протестот биле уапсени 51 лице, а повеќе од половина од уапсените биле малолетни.

Три лица се повредени бидејќи биле погодени со куршуми и остануваат во болница“, додаваат од полицијата, а истрагата за трагичниот инцидент е во тек.

Градоначалникот на Ротердам Ахмед Абуталеб смета дека протестот се претворил во „оргии на насилство“.

„Полицијата беше принудена да посегне по оружјето, па дури и директно да пука“, рече тој на прес-конференција.

Виена во страв од „Фајзер тушот“

Илјадници противници на задолжителната вакцинација и карантин се собраа во сабота навечер на улиците на Виена, но и во другите градови низ Австрија. Освен паролите на кои пишуваше „Слобода“ и извици против канцеларот Александар Шаленберг, меѓу антиваксерите владееше и голем страв.

Кога австриските власти решија да испратат хеликоптери да го надлетаат градот за да ја контролираат ситуацијата, меѓу насобраните се прошири стравување дека авионите ја испуштаат вакцината на Фајзер, и дека тоа е злобен начин на кој властите се обидуваат да ги вакцинираат и покрај силното противење.

Во групите против вакцинација на социјалните мрежи се проширија информации дека хеликоптерите ги вакцинираат луѓето со вакцината Фајзер. Подмолниот план, сметаат тие, го смислил канцеларот Александар Шаленберг.

„Се шпекулира дека течниот Фајзер наскоро ќе биде дистрибуиран меѓу демонстрантите“, напишал еден член на Вибер групата Viber, пренесува Heute.at.

„На оддалечент паркинг источно од Виена, покрај комбето на Бајонтек, забележани се полициски водени топови. Разменуваат солзавец за вакцина! Заштитете се!“, предупреди друг.

Работите да бидат уште полоши, на улиците во Виена се забележани луѓе кои носат капи од алуминиумска фолија за да го избегнат „Фајзер тушот“.

Париз вели: Ова е дискриминација!

Неколку стотици демонстранти се собраа пред австриската амбасада во Париз, каде протестираа против новите строги мерки против коронавирусот. Иако францускиот претседател Емануел Макрон најави дека земјата нема да воведе обврска за вакцинирање на населението, демонстрантите оценија дека мерките се „дискриминаторски“.

Во меѓувреме, бројот на нови инфекции за време на петтиот бран на епидемијата на коронавирус во Франција расте со алармантна брзина, објави француската влада.


Седумдневниот просек на нови случаи вчера достигна 17.153, во споредба со 9.458 една недела претходно, соопштија здравствените власти, додавајќи дека зголемувањето е 81 отсто.

Најмасовниот собир во Загреб

Илјадници луѓе присуствуваа на собирот против ковид сертификатите во центарот на Загреб. Одреден дел од демонстрантите се упатија кон зградата на ХРТ, каде ги пречека интервентната полиција која ги спречи да влезат во зградата.

За време на митингот на централниот плоштад во Загреб не беа забележани поголеми инциденти, но беше нападнат репортерот на хрватската телевизија РТЛ, група демонстранти украдоа микрофон од новинар на Ал Џезира, а беа упатени вербални навреди кон екипата на Нова ТВ.

Насобраните ги изнесоа своите барања за укинување на ковид потврдите, тврдејќи дека граѓаните кои ги немаат „противуставно и противзаконски“ се исклучени од општествениот живот и се оневозможени да одат на работа, да студираат и основното уставно право на работа.

Рим го одбива „зелениот пасош“

Протестите во градовите низ Италија траат со недели, но викендов демонстрантите во Италија добија поддршка од остатокот од Европа.

Околу 3.000 луѓе маршираа до Circus Maximus во главниот град, поле каде Римјаните одржувале популарни забави во античко време, за да протестираат против сертификатот „зелен пасош“, кој е потребен на работното место, рестораните, кината, театарите, спортските настани и спортски сали и за долги патувања со воз, автобус или траект.

Холандија.

Немири синоќа избувнаа во неколку градови во Холандија додека илјадници луѓе протестираа против новите мерки за затварање и ограничување на слободата на движење.Немирите започнаа во Ротердам на 19 ноември кога полицијата испука предупредувачки истрели и употреби водени топови откако демонстрантите фрлаа предмети, запалија полициски автомобили и оштетија имот во, како што властите го нарекоа „оргија на насилство“. Четири лица за кои се верува дека биле погодени од полициски куршуми биле третирани во болница. До 20 ноември, насилството се прошири во Хаг, а потоа ги погоди и другите градови, вклучувајќи ги Леуварден, Гронинген, Еншеде и Тилбург. Десетици демонстранти низ Холандија беа уапсени во текот на викендот, а неколку луѓе беа повредени, вклучително и полицајци.

Холандија воведе тринеделно делумно заклучување, бидејќи случаите на ковид-19 се зголемија на нови рекордни нивоа и покрај тоа што 85 отсто од возрасните се целосно вакцинирани. Демонстрантите, исто така, се против владиниот предлог за воведување пропусница за ковид за оние кои се вакцинирани или закрепнати од болеста. Пропусницата ќе биде потребна за пристап до затворени места, како што се ресторани, кафулиња и барови. Во соседна Белгија, имаше исто така насилства за време на вчерашните протести во Брисел кои привлекоа околу 35.000 луѓе против мерките за коронавирус. Низ Европа во текот на викендот, десетици илјади протестираа против заострувањето на ограничувањата.

Тагови

Поврзани вести