Македонија
Еве како реката Луда Мара го добила името
Луда Мара се вика реката што можеби го има најинтересното име во државата. За неа велат дека кога ќе збесне, мирниот поток станува Луда Мара.
Малкумина ја знаат легендата за тоа како го добила името реката, која е еден од симболите на градот Кавадарци.
– Своевремено имало една кавадарчанка по име Мара, која живеела во реканското маало кај јаворот, во близина на реката што го дели градот Кавадарци на два дела. Имала две мали дечиња, кои си играле од другата страна на реката, а таа ги надгледувала. Одеднаш се случило невреме, од многу силен дожд надошла реката. Очајната мајка тргнала за да си ги прибере децата. Залудно други ѝ довикувале да почека, да не биде луда да се изложува на толкав ризик, дека невремето ќе помине, па тогаш да си ги прибере децата. Носена од мајчинскиот инстинкт да ги заштити, таа тргнала по нив. Реката, која влечела камења, дрвја, гранки, ја одвлекла и жената. Оттогаш мештаните ја завикале реката Луда Мара, по жената што како луда истрчала за да си ги спаси децата, вака ја раскажа легендата за името на реката историчарот Петре Камчевски.
Таа низ годините била нарекувана и Моклишка, бидејќи минува низ Моклиште, а го формирала и Моклишко Езеро. Ја викале и Ваташка, поради тоа што тече низ селото Ваташа. Некогаш била позната и како Велика, затоа што се случувало да надојде и да стане многу голема. Бидејќи се влева во Вардар кај селото Курија, во минатото ја именувале и како Курјачка. Се раскажува, исто така дека името го добила по тоа што честопати збеснувала, а во 1934 година ја однела и општинската зграда што била во близина.
– Изворот е во близина на селото Бунарче, на над 942 метри надморска височина, на висорамнината Витачево. Долга е околу 40 километри и 750 метри. Во минатото, кога не било регулирано речното корито, предизвикала неколку поплави, од кои најголемата тогаш кога ја однела општинската зграда како да е од картон, а настрадале и имотните листови на кавадарчани, целата катастарска документација била однесена и уништена. А бидејќи тогаш немало компјутери, сите морале да одат да даваат изјави, искази, за да се обнови катастарската евиденција. Биле потребни неколку години за да се обноват катастарските книги. Интересно е и тоа што надојдената вода ја однела и општинската каса, која подоцна била пронајдена дури во селото Марена. Била целосно празна, па можеби и затоа водата ја одвлекла, бидејќи била полесна, без пари. Бидејќи знаела многу да дотече, по 1945 година започнала регулацијата на реката, најпрвин со каскади, за да се смири.
Последното големо излевање реката го имала во 1973 година, кога постоела опасност од кинење на браната Моклишко Езеро, настаната при уривање на ридот Градот. Регулирањето на коритото на реката спаси многу семејства од поплавување.