Македонија
„ДРИСЛА“ ОД ДЕНЕСКА ПОД ГРАД СКОПЈЕ, НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ДАЛИ СЕ ГОРЕЛ ОПАСЕН ОТПАД?
Директорот на „Дрисла“ Горан Ангелов, утре ќе биде сменет, откако депонијата по девет години стана повторно сопственост на Градот Скопје. Градоначалникот Шилегов ги повика институциите да го испитаат целокупното работење на депонијата, посебно откако бугарското Обвинителство деновиве поведе и истрага против директорот на „Дрисла“ Ангелов и содружникот Блаже Игњатов за увоз на опасен отпад од Италија преку нивната бугарска фирма „Блацион“.
„Според податоците од Царинската управа во земјава нема увоз на опасен отпад. Дали нелегално имало такво нешто не сакам да шпекулирам. Во случајот со Ангелов, станува збор за отпад увезен во Бугарија, не во земјава“ рече Шилегов.
Но кој гарантира дека отпадот од Италија каков што беше откриен во Бугарија не завршил и во Македонија? Невладините активисти се сомневаат на поврзаност. Но од Министерството за животна средина велат дека постапката се води во друга држава, а тие ја следат преку медиумите. Засега нема да се вклучат.
„До сега нема ниту една дозвола издадена за правното лице Дрисла за увоз на отпад. Увоз на отпад во РСМ заради депонирање е забранет согласно со Законот за управување со отпадот. Дрисла е компанија која има дозвола за вршење дејност депонирање на отпад и затоа и не може да се јави како увозник на каков било отпад, ниту опасен ниту неопасен.“
Во регистарот на Министерството 22 компании се запишани дека имаат дозвола за транспорт на опасен отпад. На петнаесетина од нив дозволите им се истечени.
По избивање на скандалот Царината дополнително го подигна степенот на проверка.
Од Јавното обвинителство велат дека до сега Бугарските колеги не побарале тие се вклучат во истрагата.
Од Бугарија денеска стигаат контроверзни инфромации. Дел од медиумите известија дека опасниот отпад воопшто не е опасен. Дел пак, велат дека истргата е во тек. Се проверува кој се е вмешан во увозот на 20 те контејнери отпад зад кој стои фирмата Блацион, каде Ангелов поседува 15 отсто од сопственоста. Тој вчера демантираше дека станува збор за отровен отпад. Ангелов е директор на депонијата „Дрисла“ назначен од италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, а оваа функција ја вршеше и кога депонијата беше под надлежност на Градот во мандатот на ексградоначалникот Коце Трајановски. За смената од директорската позиција Ангелов вели дека е нормално, зашто „Дрисла“ сега е Јавно претпријатие.
За последните информации поврзани со оваа афера Ангелов на својот фејсбук-профил напиша:
„Драги пријатели и мили непријатели, сакам да Ви соопштам неколку работи за мене и обвинувањата кои безмилосно и без мерка ги упативте кон мене и мојата фамилија.
Отфрлам секаква одговорност околу отпадот кој се наоѓа на бесцаринските зони во пристаништата Бургас и Варна.
Не сум увозник ниту нарачател на тој отпад и јас разбрав за тој отпад од бугарските медиуми.
Јас сум косопственик во фирмата „Балцион“ со влог од 15%, но не е управител ниту директор на истата.
Сите бугарски медиуми соопштија дека станува збор за неопасен отпад, а врз основа на анализите направени изминативе два дена од соодветните бугарски институции (МВР, обвинителство, Министерство за екологија). Вистината ќе ја види светлината на денот.
Сто пати повторив, но еве уште еднаш, во Дрисла немаме примено или увезено ниту еден килограм отпад од странство, а не пак опасен или токсичен, за што сите релевантни македонски институции се изјаснија, во Дрисла нема ниту опасен, ниту неопасен отпад од увоз.
Зарем мислите дека јас ќе ја загрозам мојата сигурност, безбедноста на вработените и на сите граѓани од Скопската котлина со вакви измислени увози на опасен отпад.
Не заборавајте дека и јас сум секој ден на работа во Дрисла и не сум во стаклено ѕвоно, туку секој ден сум на депонијата. Сепак и мојата фамилија живее во Скопје, зарем би дозволил да си ги трујам децата? Престанете со манипулации и барајте ги вистинските загадувачи на Скопската котлина, кои Вас, мене, Вашите и мојата фамилија ја трујат.
Дали е случајно што се создаде афера во Бугарија, каде ние Македонците сме посочени за увоз на отпад, а во меѓувреме има уште сто такви афери каде не се објавуваат ниту иницијалите на сопствениците и управителите, а во голем случај ниту фирмите кои се инволвирани во слични случаи, ама нас не посочија со име и презиме, не оцрнија, не прогласија за виновни и чекаме ‘бесилка’.
Зарем правилото на презумција го заборавија во европска Бугарија?“, прашува тој.
Горан Ангелов смета дека не е случајно што токму денеска се трансформира Дрисла од ДОО во ЈП и ќе биде сменет и тој од директорската позиција. Филигранска случајност, го завршува Ангелов својот фејсбук-пост.