Македонија
Дрвокрадци претепаа петмина полицајци
Полициска патрола вчеравечер била нападната од дрвокрадци на планината Мукос, во близина на селото Степанци. Петмина полицајци се здобиле со повреди, двајца се тешко повредени и тројца полесно. Инцидентот се случил околу 19:45 часот на стариот пат Велес-Прилеп, преку Јасеново.
„На стариот пат село Извор-Прилеп, во атарот на селото Степанци, група граѓани кои вршеле бесправна сеча на огревни дрва ја нападнале патролата од петмина полициски службеници од Полициското одделение Чашка. Досега се приведени четири лица“, соопшти Верољуб Додески, портпарол на СВР Велес.
На самото место дошла екипа на Брзата помош, која пристигнала со асистенција на полицијата.
Најновите информации се дека двајца од повредените полицајци се пуштени дома. Со најтешки повреди минал командирот на Полициското одделение Чашка.
„Како итни случи се донесени пет лица, две со потешки повреди. Еден пациент поради повреди на черепот е префрлен на Ургентен во Скопје, тој им и скршеница на рака, а вториот е со рана на стомакот и е во шок соба, засега останува во болница. Трите останати лица се со полесни повреди, двајца се пуштени на домашно лекување, третиот е задржан на одделение“, кажа д-р Весна Николовска-Неделкова, портпарол на Општа болница Велес.
Со години наназад, дрвокрадци ја пустошат шумата околу Степанци. Шумските полицајци во бројни претходни случаи сведочат дека дрвокрадците, кои без исклучок се од Прилепско, се агресивни и се закануваат со пиштоли, секири и ладно оружје.