Вода

Дојранското езеро добива прв десетгодишен план за управување

Формирање управувачко тело, воспоставување чуварска и инспекциска служба, зонирање на подрачјето и строго управување со отпадните води се клучните мерки предвидени во Предлог-планот за управување со споменикот на природата – Дојранско Езеро за периодот 2026–2035.

Станува збор за првиот сеопфатен плански документ за заштита на езерото, изработен во согласност со Законот за прогласување на подрачјето за Споменик на природата.

Главни закани: еутрофикација и урбанизација

Анализата покажува дека најсериозна закана за езерото е високата еутрофикација – процес предизвикан од прекумерно присуство на хранливи материи од отпадни води, детергенти и земјоделски ѓубрива. Ова доведува до појава на „цветање“ на алги, намален квалитет на водата и нарушување на екосистемот.

Како дополнителен проблем се посочуваат непланската урбанизација, дивоградбите, недоволното приклучување на туристичките објекти на канализацискиот систем и загадувањето со цврст отпад.

Поради честите осцилации на водостојот, се предлага воспоставување траен механизам за регулирање на нивото на водата во соработка со грчките власти, со оглед дека езерото е прекугранично.

Нов модел на управување и одржлив туризам

Планот предвидува формирање посебно управувачко тело, ангажирање стручни лица (еколози, биолози, хемичари), како и воспоставување мониторинг-станица. Анализата утврдила дека досега Општина Дојран немала доволно капацитети и не издвојувала средства за управување со заштитеното подрачје.

Во 2021 година Владата доделила 70 милиони денари за изградба на нова пречистителна станица и санација на колекторскиот систем.

Воедно, се препорачува премин од масовен кон алтернативен и одржлив туризам, кој ќе го намали притисокот врз природните ресурси.

Повеќе од 5 милиони евра за првите пет години

За реализација на мерките во првиот петгодишен период се проценува дека ќе бидат потребни над 5 милиони евра. Планот предвидува ревизија по пет години и обезбедување долгорочна финансиска поддршка од национални и меѓународни извори.

Тагови

Поврзани вести