Свет
Издадени упатства за граѓаните што да прават во случај на катастрофа во Германија и Австрија
Властите во Германија деновиве ги потсетија граѓаните што треба да направат за да бидат подготвени за вонредни ситуации како природни катастрофи, па дури и нуклеарен напад.
Федералната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (ББК) има голем број инструкции за германските граѓани како да се однесуваат во итни случаи, но и како да се подготват за нив.
Природните катастрофи се сѐ почести
– Обилните дождови во јули 2021 година предизвикаа разорни поројни поплави во неколку региони на Германија, пандемијата предизвика меѓународни ефекти, ураганот Фридерике во 2018 година ги оштети далноводите и остави 140.000 луѓе без електрична енергија – овие настани се само неколку примери за итни случаи што се случија во Германија во последните години – се наведува на официјалната веб-страница на ББК.
– Системот за државна помош интервенира во такви ситуации и нуди поддршка. Но, дури и најдобрата помош не е секогаш веднаш присутна. Во случај на голема штета, спасувачките служби не можат да бидат насекаде во исто време. Оние што се подготвени можат да си помогнат себеси, на роднините и на соседите додека државата не помогне и не ги намали штетите со заштитни мерки. Помогнете во решавање вонредни ситуации и преземете мерки на претпазливост – апелира ББК до германските граѓани.
Притоа, канцеларијата за цивилна заштита им нуди детални, конкретни и значајни предлози и препораки за планирање лична подготвеност за итни случаи. На нивната веб-страница има и одговори на прашањата „Како да најдете безбедни засолништа?“, „Како да разговарате со децата за војната“ и „Дали има смисла да се земаат таблети со јод?“
Сѐ е јасно и конкретизирано.
– Планирајте заедно. Седнете со семејството и размислете за следното: Колку јас и моето семејство сме изложени на ризик? Дали местото на живеење се наоѓа во област во опасност од поплави? Разговарајте за патиштата за бегство, местата за состаноци и како може да се дојде до вас. Можеби нема сите членови од семејството да се дома во случај на катастрофа – пишуваат од ББК.
ББК нуди и две брошури за граѓаните: 1. Совети за итни случаи и правилно справување со итни случаи од 68 страници и 2. Моја листа за итни случаи. Втората брошура им помага на граѓаните конкретно да ги имплементираат советите од првата.
Тие велат дека секој германски граѓанин треба да има храна и други неопходни средства дома за 10 дена, а обврска на секој поединец и семејство е да создаде резерви од ваков вид.
– За почеток, 2 литра вода по човек дневно, значи 20 литри по човек за 10 дена. Секој возрасен треба да пие околу 1,5 литар вода дневно, но добро е и да има повеќе од тоа, за приготвување одредена храна.
Се препорачува да имате 3,5 килограми производи од житарки, како брашно и тестенини, 2,5 килограми овошје и јаткасти плодови, 2,6 килограми млеко и млечни производи, 4 килограми зеленчук итн. Потребно е да имате резерви на лекови и други медицински производи и средства за хигиена. Најважните документи треба да ви се подготвени и заштитени. Пожелно е да имате 500 евра готовина дома, но акцентот сепак се става на намирниците.
Австријците ја нагласуваат важноста на снабдувањето со вода за пиење
И австриското МВР детално ги советува граѓаните како да се однесуваат во случај на катастрофа.
– За да бидете добро подготвени во итни случаи, дома секогаш треба да ги имате следните работи: 1. светилка и резервни батерии, свеќи и запалка; 2. радио на батерии и резервни батерии; 3. важни и пропишани лекови (вклучувајќи таблети калиум јодид во случај на нуклеарна несреќа); 4. материјали за прва помош; 5. важни документи собрани во една папка; 6. производи за лична нега и хигиена – наведуваат од австриското МВР.
– Исто така, треба да имате храна и пијалаци во случај да не можете да го напуштите домот подолго време – советуваат тие.
Австриската цивилна заштита објави брошура од 20 страници во која ги советува граѓаните какви резерви треба да имаат во случај на катастрофа.
– Луѓето можат да преживеат околу еден месец без храна, но најмногу 5 до 7 дена без вода. Водата е најважната работа за човечкиот организам. Човекот треба да консумира 1,5 литар течност дневно со цврста храна, која исто така се состои од течност – пишува во брошурата.
„Се јадат речиси сите домашни инсекти“
Австријците одат и на постапокалиптична варијанта, па нудат и неколку страници посветени на она што може да се јаде и да се најде во природата.
– Дали некогаш сте се запрашале што би јаделе доколку нема храна во супермаркетите или ја нема на резерва? – пишува во брошурата.
Меѓу другото, како одговор на прашањето е понуден: – Над две милијарди луѓе јадат инсекти секој ден, а се јадат речиси сите домашни инсекти и ларви.
Австрија, исто така, им нуди на своите граѓани формулар за да им помогне да планираат итни резерви.
Во секој случај, подобро е да бидете подготвени за итни случаи. Како што велат Германците, катастрофите се дел од животот.