Македонија
Депониите што требаше да станат паркови, останаа депонии
Два големи парка покрај Вардар во делот на Општина Карпош беше најавено дека ќе се подигнат на површини кои сега се запуштени, неуредени и полни со шут. Едниот, во Карпош 4 треба да се протега од Алпинистичката карпа до бунарите на Лепенец, на површина од 60 000 метри квадратни, а вториот, кој треба да биде еден вид продолжение на Градски парк, е всушност сегашниот простор на депонијата кај СЦ „Борис Трајковски“. Оттогаш помина доста време, а парковите ретко кои ги спомнува, со исклучок на дел од граѓаните кои по социјалните мрежи споделуваат фотографии на кои се гледа дека ништо не е променето.
Граѓаните се особено гневни за просторот во Карпош 4, каде, како што велат, постоечкото ѓубре се закопува под земја, иако во близина се бунарите на Лепенец. Од Општина Карпош тврдат дека подготовките продолжуваат и дека летово ќе започнат активностите на терен.
Во јануари минатата година градоначалниците на Град Скопје и на Општина Карпош, Петре Шилегов и Стефан Богоев најавија дека механизација ќе започне да работи на терен со рамнење на земјата за новиот зелен простор, по што Град Скопје објави конкурс за избор на идејно решение за паркот, за во уредувањето на јавниот простор да биде вклучена и јавноста. На конкурсот пристигнаа 19 идејни решенија, а мешовитата комисија на Град Скопје и Општина Карпош во април минатата година избра четири од нив како најкреативни, иако ниеден од трудовите не ја доби првата награда.
Избраните трудови нудеа интересни решенија за ново шеталиште на кејот во Карпош, градски шумски појаси во делови на паркот, цветни алеи, урбана опрема која одговара на просторниот контекст, како и отворени сцени и други програмски содржини. Врз основа на идејните проекти Град Скопје требаше да изработи основен проект за паркот во Карпош 4, па изградбата да започне. Според последните информации од Карпош, изработката на основниот проект сѐ уште трае.
Пред две години пак, се запали депонијата кај СРЦ „Борис Трајковски“ и јавноста повторно се потсети на сето ѓубриште и шут со децении трупано на овој простор. Општина Карпош и Град Скопје веднаш потоа почнаа да ја чистат дивата депонија, а градоначалникот Шилегов најави дека по расчистувањето на просторот на оваа локација ќе се подигне парк од 90.000 метри квадратни кој ќе биде продолжение на Градскиот парк.
превземено од slobodenpecat.mk