Македонија
Девствените шуми на Кораб сѐ уште во опасност
Еколошките здруженија сè уште сметаат дека не е помината опасноста која му се заканува на овој природен предел од уништување поради тоа што сѐ уште се одолговлекува со донесувањето на закон за репрогласување на паркот според сегашниот Закон за заштита на природата, а Владата не ги повлекува издадените концесии за изградба на повеќе мали хидроенергетски проекти во рамките на националниот парк.
Длабоко во пазувите на Кораб, во долина затскриена од погледите и далеку од пробиените патишта низ Националниот парк „Маврово“, се наоѓа долината на Длабока Река. Доцна напролет, дури пред летото, кога ќе се истопат и последните снегови што на нејзините стрмни страни се задржуваат барем до крајот на мај, таа станува достапна за посетителите, најчесто планинари и љубители на природата, кои ја посетуваат пеш.
Зимите тука се сурови и долготрајни, а снеговите честопати предизвикуваат масивни снежни лавини, за кои сведочат столетните буки искорнати од корен кои стојат нафрлани како снопје низ девствената шума на Длабока Река.
Оваа длабока долина со алпски карактеристики, настаната во глацијалниот период, името го добила по рекичката која извира од подножјето на врвот Мал Кораб од каде, во вид на водопад, познат уште како Корабски или Пројфелски водопад, тече надолу кон Радика во која се влева како нејзина десна притока. Корабскиот водопад со своите 130 метри височина се смета за највисок водопад на Балканот и претставува една од најголемите атракции во Националниот парк „Маврово“ и пошироко поради својата величествена позиција среде тесната карпеста долина, опкружен од двете страни со некои од највисоките и најсурови планински врвови на корабскиот масив – Рибничка Скала, Кабаш, Боази, Гури Куј.
превземено од slobodenpecat.mk