Култура
Две реставрирани статуи на Аменхотеп III повторно изложени во Луксор, Египет

Египетските власти денес открија две реставрирани монументални статуи на фараонот Аменхотеп III во градот Луксор, како дел од најновите археолошки настани насочени кон привлекување повеќе туристи во земјата.
Гигантските статуи од алабастер, познати како Колосите на Мемнон, беа реконструирани како дел од проект за реставрација што траеше околу две децении, објави АП.
Статуите го претставуваат Аменхотеп III, кој владеел со древниот Египет пред околу 3.400 години.
„Денес го славиме завршувањето на реконструкцијата и поставувањето на овие две колосални статуи“, рече Мохамед Исмаил, генерален секретар на Врховниот совет за антиквитети на Египет.
Според него, овие скулптури се од големо значење за Луксор, град познат по своите антички храмови и други знаменитости.
Статуите беа соборени во голем земјотрес околу 1200 година п.н.е., кој го уништи и храмот во кој се наоѓаше гробницата на фараонот, додаде Исмаил.
Египетско-германска мисија започна со работа на територијата на храмот кон крајот на 1990-тите, вклучително и повторно склопување и реновирање на колосот.
Гигантските статуи се високи 14,5 метри и 13,6 метри и се наоѓаат на влезот во кралскиот храм на западниот брег на Нил.
Се верува дека комплексот од 35 хектари е најголемиот и најбогат храм во Египет и често се споредува со храмот Карнак, исто така во Луксор, соопшти агенцијата.
Денешното откривање на статуите се случи шест недели по инаугурацијата на долгоодложуваниот проект Голем египетски музеј, кој е централен дел од напорите на владата за зајакнување на туристичката индустрија во земјата, објави АП.
Мега проектот се наоѓа во близина на познатите пирамиди во Гиза и Сфингата.
Во 2024 година, Египет го посетија рекорден број од 15,7 милиони туристи, а оваа година, според министерот за туризам Шериф Фати, се очекуваат околу 18 милиони.



