Македонија

Дали Осоговските Планини ќе станат заштитено подрачје?

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со четири општини од источниот плански регион ќе организира серија јавни расправи со граѓаните по предлог-актот за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, во категоријата 5 – заштитен предел.

Првата јавна расправа е закажана за 18 август во Спомен-домот АСНОМ во Кочани, а  ќе се одржат и во Македонска Каменица (20 август), Пробиштип (25 август) и во Крива Паланка (26 август). Сите средби се со почеток во 18 часот, а ќе се организираат на локации што овозможуваат спроведување на мерките и протоколите за заштита од коронавирусот.

– Целта на јавните расправи е населението да биде информирано за тоа како ќе се одвиваат постојните активности во подрачјето и што ќе значи тоа за земјоделците, сточарите, рудниците и за другите жители кои зависат од користење на природните ресурси. Низ интерактивни дискусии со присутните, ќе биде подетално објаснето како прогласувањето на заштитениот предел во Осоговијата ќе се рефлектира врз унапредувањето на земјоделството, шумарството и социо-економскиот развој, информираа од Општина Кочани.

Сите заинтересирани граѓани и другите засегнатите страни може да доставуваат коментари, забелешки и консултации по предлог-актот кој е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи ЕНЕР (www.ener.gov.mk), како и на веб-страницата на Министерство за животна средина и просторно планирање (www.moepp.gov.mk).

Тагови

Поврзани вести