Македонија
Дали дождот ќе ја спаси плашицата во Студенчишкиот канал

Врнежите од дожд што ноќеска го зафатија охридскиот регион ќе ја подобрат неповолната хидролошката состојба што резултираше со драстично намалување на нивото на водата на Охридското Езеро. Дождот секако ќе придонесе и за подобрување на ситуацијата во Студенчишкиот канал каде изминатите денови плашицата и другата риба се задушуваше поради недоволното количество кислород во водата.
Неколку тони мртва плашица плута на површината на Студенчишкиот канал во Охрид, кој е природно престојувалиште на овие риби. Уште многу пак, се борат за живот и може да ги снајде истата судбина. Рибарите кои денеска ги затекнавме кај каналот мртвата риба ја собираа во легени и најлони. Велат дека ваква еколошка катастрофа не паметат одамна.
„Оваа година има најмногу плашица, но нема вода. Скоро едно метро има паднато нивото на езерото. Досега вака нема бидено никогаш. Но, тоа е дури да даде Господ повеќе дожд. Ако има повеќе вода, ќе биде друго“, вели еден рибар.
Биолозите предупредуваат дека ситуацијата може да биде уште полоша. Пцовисаната риба ќе почне да се распаѓа по што може да дојде до промена на микробиолошкиот квалитет на водата.
„Според риболовните основи, концесионерот требаше да лови помеѓу 50 и 100 тони плашица. Тој не излови во изминатите 5-6 години ниту килограм што значи дека количеството на оваа риба во Охридското езеро е многу високо. Втор виновник се дримските хидроцентрали кои и покрај укажувањето дека има голема количина на плашица и дека секое намалување на нивото на езерото е опаснот за нејзино преживување, тоа утрово и се случи“, вели биологот Трајче Талески.
Од Хидробиолошкиот завод во Охрид најавуваат одредени мерки.
„…Да се набават црпни пумпи да се постават по должината на каналот и ќе овозможат аерација, односно распрснување по површината на водата. Оваа година поради подолгиот сушен период дојде до намалување на свежа вода во каналот и поради тоа дојде до изумирање на плашицата“, изјави Елизабета Вељаноска Сарафилоска- директор на Хидробиолошиот завод во Охрид.
Проценките се дека во каналот има околу 60 тони плашица. Инаку, нивото на Охридското езеро веќе одреден временски период е речиси до неговата миминална кота.