Македонија
Градот Скопје воведе бесплатен јавен превоз поради загадениот воздух
Стартуваат интервентни мерки за справување со аерозагадувањето. Од попладнево веќе е бесплатен јавниот превоз во главниот град, со цел да се намали фрекфенцијата на возила. Превозот е бесплатен и во државните и во приватните автобуси.
Надлежните институции ќе вршат засилени контроли над инсталациите, потоа на издувните гасови на возилата во сообраќајот, како и на градилиштата за тоа дали камионите кои излегуваат оттаму се исчистени.
Автошколите можат да вршат обуки во интервалите од 9:30 до 14:30 часот, како и по 18 часот.
Товарните возила чија крајна дестинација не е главниот град ќе се пренасочуваат по обиколницата.
Се откажуваат и јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено.
Од Град Скопје апелираат до граѓаните, а особено до вработените во институциите да го користат јавниот превоз, а движењето на јавен простор да го сведат на минимум.
Согласно законот, итните мерки за намалување на загадувањето на воздухот се воведуваат бидејќи два дена по ред загадувањето е над 150 микрограми, а ќе бидат на сила сè додека ПМ честичките не спаднат под 100 микрограми на кубен метар.