МакедонијаПрирода

Градот сака зиплајн на Водно, екологистите бараат дрвја и зеленило

Градот пред претставници на граѓанските здруженија и на планинарски и велосипедски клубови ја презентираше Студијата за Водно како туристичко-рекреативен центар, изработена од експерти од Словенија и Австрија, со која се предвидуваат спортско-рекреативни содржини на падините на планината.

Со оваа студија Градот ги најави намерите за зголемување на комерцијалниот ефект од зголемената посетеност на Водно преку збогатување на понудата за посетителите.

„Жичарницата на Водно годишно превезува 200 илјади луѓе, а бројот на посетителите секоја година се зголемува, но фалат содржини, посебно за помладата популација“, смета Андреа Жигон, еден од изготвувачите на Студијата.

Студијата предвидува изградба на адреналински патеки за велосипедисти, зиплајни, рекреативен парк со реквизити за деца, изнајмување на безмоторни трицикли и велосипеди и други содржини, како и одбележување и раздвојување на патеките за планинарење и маунтбајкинг, кои сега се користат и за двата спорта.

Според Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“, оваа студија е несериозна и тотално непотребна.

„Не ми се допаѓа идејата да воведуваме содржини за да имаме повеќе туристи на Водно. Според презентацијата, не е точно одредено во кои делови ќе минуваат новите патеки и каде точно ќе се изведат сите патеки и други содржини“, рече Стојановска и потсети дека Водно е неопходно да се пошумува, а не во него нешто да се гради.

Од „Спас за Водно“ беше поставено прашањето зошто е потребно Водно да стане туристичка атракција и што добиваат граѓаните со енормното зголемување на бројот на посетители на неговите падини, како и колку дрвја ќе се исечат за да се направи се што е предвидено на Водно. Екологистите потсетија дека неговата примарна функција е да биде заштита на градот од поплави и место каде граѓаните ќе најдат спокој и чист воздух.

„Овие содржини се само предлог и дека при изведбата нема да има сеча на дрвја бидејќи содржините ќе бидат вклопени во природата. Степенот за заштита на Водно ќе ни каже кои содржини можат да изведат, а кои не. Целта не е загрозување на животната средина, туку да воведеме содржини поради кои подолго време ќе останеме на планината. Сите содржини ќе бидат вклопени меѓу дрвјата, а постојат услови без сеча на дрвја да се изведат патеки за велосипедисти“, им одговори на екологистите Марко Тодоров, раководител на секторот за локален економски развој на Град Скопје.

Тагови

Поврзани вести