Македонија

Гоце Делчев идеал за слободна и независна Македонија

На 4 мај 2023 година се одбележуваат 121 години од смртта на македонскиот великан Гоце Делчев, човекот што својот живот го посвети за слободата и државното осамостојување на македонскиот народ. Не случајно, во националната меморија на Македонците, Делчев останува запаметен како апостолот и срцето на револуционерна Македонија.

За Гоце Делчев, како водач на македонското револуционерно движење, постои многубројна историска литература, која вели дека тој е главен инспектор на т.н. Четнички институт, творец на првите револуционерни организациски чети и воспитувач на првите револуционерни војводи, а многубројните сведоштва потврдуваат и дека Делчев имал најголем авторитет кај четите и војводите. Но Гоце е многу повеќе од творец на воената машинерија на Македонската револуционерна организација (МРО), тој е човекот што уште од првиот ден го распространувал идеалот за слободна и независна Македонија со широки права за македонскиот народ.

Делчев како промотор и заштитник на македонската национална мисла

Делчев секогаш стоел на самостојна и независна македонска почва. Затоа Панчо Дорев (дипломат и историчар) вели дека Даме Груев и Гоце Делчев, како и други македонски дејци, се бореле против сите надворешни влијанија. Во тој контекст, Павел Делирадев (општественик, публицист и револуционер, учесник во македонското револуционерно движење) вели дека Гоце се борел против великобугарските шовинистички тенденции.

За националната самостојност на Гоце дознаваме и од списанието „Македонија“,, кое во април 1904 година, по објавувањето на првата биографија за Делчев од страна на Пејо Јаворов, истакнало дека Јаворов бил добар поет, но слаб историчар и не ја познавал психологијата на сепаратистите. Според весникот, сепаратистите „не се залагаат за политички, туку за национален сепаратизам“. Во тој правец, „Македонија“ забележува дека владиката Теодосиј во 1893 или 1894 година издавал крштелни свидителства во кои наместо Бугарска егзархија, пишувало православен христијанин.
Во тој правец е и ангажирањето на Атанас Раздолов, од страна на Гоце Делчев, за печатење брошури со револуционерна содржина, како преводна, така и оригинална негова. Веќе од 1895 година Раздолов го привлекол Гоце кон себе со револуционерниот тон на своите брошури. Во книшката „Баба Ѓурѓа“ и „Проза во стихови“ изнел сцени од современиот македонски живот и подвлекол дека само со борба македонските поробени маси ќе ја извојуваат слободата. Раздолов ги повикувал „Македонците и Македонките да се борат за извојување слобода на Македонија. Тој апелирал до… секој чесен Македонец, а пак не е срам и да не е Македонец да се притече на помош за да се формира еден круг од вистински борци и чесни слободољупци“. Делчев го ангажирал Раздолов токму поради неговите погледи за иднината на Македонија и македонскиот народ.

Политичкиот и националниот сепаратизам на Гоце е посведочен и во неговата многубројна кореспонденција. Во писмото на Гоце до Ефрем Каранов (фолклорист, историчар, преведувач, македонски револуционер) од 17 октомври 1895 година можеме да прочитаме: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него…“

Творец на воениот механизам на Македонската револуционерна организација (МРО)

Гоце Делчев како воено лице бил еден од првите дејци што увиделе дека дотогашните терористички групи не можеле да се справат во отворена борба со османлиските вооружени сили. За успешно реализирање на ослободителната идеја бил потребен борбен механизам, способен да им се спротивстави на многубројните непријатели на македонското ослободително дело. Затоа се појавила и потребата од создавање на Четничкиот институт. Првиот сериозен чекор во тој правец бил преземен од Делчев во април 1898 година. За да се отстранат последиците од Виничката афера, Гоце испратил во Македонија три вооружени илегални групи. Ефрем Чучков бил определен за Малешевско, Тодор Станков за Радовишко и Стојан Георгиев за Струмичко. Овие групи биле предвесници на големата борбена трансформација на МРО.

Првата чета, која со право го носи епитетот агитациска и организациска, била четата на Михаил Апостолов-Попето (подофицер во бугарската армија, учесник во македонското револуционерно движење, член, војвода и прв инструктор на четнички институт). Попето и неговата чета ги спроведувале наредбите на Гоце, всушност Делчев е човекот што го довел Попето во Македонија за потребите на МРО. Главната грижа околу оформувањето и разгрнувањето на Четничкиот институт ја презел Делчев. Задграничното претставништво (Гоце Делчев и Ѓорче Петров) ја изработил правната регулатива за посочениот институт, издавајќи, во 1900 година, Правилник за четите на МРО.

Димитар Димески (историчар, поранешен професор на Филозофскиот факултет – Скопје) истакнува дека создавањето на Четничкиот институт е неразделно поврзано со името на Гоце.
– Тој како ревизор (инспектор) на вооружените сили на организацијата стекнал редок углед и израснал во неприкосновен авторитет. Најважните организациски борбени кадри од овој периоди израснале под закрила на Делчев – посочува Димески.
Четничките школи одиграле голема улога за разгранување на Четничкиот институт. Во тоа посебна улога имале блиските Гоцеви соработници: Михаил Апостолов-Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев, Марко Лерински, Никола Петров Русински и др.
– Делчев, од вклучувањето во Организацијата, па до смртта, ја обиколувал Македонија. Притоа, не го спречувало ни нарушеното здравје, проследено со силни стомачни болки. Секаде каде што престојувал, Гоце оставал светли траги, влевајќи свежина, оптимизам и нескршлива верба во успехот на македонската ослободителна кауза. Оттаму, неговото име многу лесно прераснало во легенда. – посочува Димитар Димески во своето дело посветено на Гоце Делчев.

Со текот на времето, четите ги надраснале одредбите на Правилникот од 1900 година, претворајќи се во стожер на револуционерното движење. Со нивната појава доаѓа до масовно навлегување на селското население во Организацијата. На тој начин, од пропагандна и градска, таа се претворила во масовна, селска и борбена. Постепено, околиските чети станале крупни артерии во организацискиот крвоток. Со создавањето на т.н. селска милиција дошло до вистинско масовизирање на борбените сили на МРО.
– Кон крајот на предилинденскиот период, Организацијата презела улога на паралелна власт и станала, фактички, држава во држава. За тоа, Гоце Делчев имал неизмерна заслуга – вели Димески.


Изгасна засекогаш јуначката натура

Димо Хаџи Димов, близок соработник и пријател на Гоце, и самиот учесник во борбата кај Баница, оставил следното потресно сведоштво: „Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, наведнат, чиниш, врз грбот на Македонија. И петнаесет часа ни се кинеа срцата“.

Постојат повеќе верзии за неговото загинување, изнесени од непосредните сведоци на неговата смрт. Михаил Чаков истакнува дека взори бил разбуден од еден полјак од селото, кој му јавил дека Баница била полна со аскер. Потоа го упатил кај Гоце за да му го соопшти тоа. Меѓутоа, штом полјакот слегол долу, бил собран од аскерот. Чаков слегол долу и се упатил кон куќата во која бил сместен Гоце. Од таа куќа излегле две девојчиња, кои му рекле и тој да се прибере во таа куќа. При средбата, Гоце направил распоред за одбраната, а потоа, штом забележал дека војската одела по куќите и претресувала, заповедал да излезат и да тргнат низ селото.

Пејо Јаворов дава малку поинаква верзија. Рано изутрина Гоце и другарите биле разбудени од некоја баба, која им рекла: „Станете, момци! Аскер го загради селото и пребарува по куќите“. Гоце и комитетите биле готови за борба. Војската пребарувала по куќите и го собирала населението. Тие стигнале до куќата во која бил Гоце со другарите. Гоце предложил да излезат од селото за да не биде запалено. Наместо да го чека мракот во утврдената камена куќа, наредил да излезат и да тргнат низ селото. По решението на Гоце, сите излегле на улица и се провлекувале до крајот на селото, каде што се наоѓала последната војска, и според Јаворов, Гоце извикал: Легнувајте! Првата пушка тој ја пукнал. Сите залегнале, а Гоце, според Чаков, застанал простум да ја полни пушката. Како луд му свикав: „Легнувај, Гоце!“ Легна, но на самото легнување еден куршум го пронижа во левата града и тој падна врз својата пушка… ги кладе двете раце наземи и се обиде да се крене гледајќи кон другарите што беа се растуриле покрај ѕидот на куќата и ги рече последните зборови: Ах, момци, рани… и пушти душа. Веднаш го фатив за левиот опинок, како што беше легнал по очи и колку глас ме држи викав: Гоце, Гоце! Никаков одговор. Изгасна засекогаш јуначката натура“.

Смртта на Гоце била регистрирана во повеќе османлиски телеграми. Борбата кај Баница најпрво била регистрирана во шифрираната телеграма од управата на Серскиот санџак од 4 мај 1903 година, а Гоцевата смрт во шифрираната телеграма на Солунската окружна управа од 5 мај 1903 година. Османлиското задоволство било големо. Високата порта издала официјално соопштение, со што му ставила посебен акцент на настанот. Во тој контекст, Хусеин Тефиков бил унапреден во аскерски полковник. Ненадејната смрт на Гоце нашла место и во дипломатските извештаи.

Превземено Нова Македонија

Тагови

Поврзани вести