Природа

Големиот австралиски гребен треба да биде ставен на листата светски наследства во опасност

Големиот австралиски гребен треба итно да биде поместен на листата светски наследства во опасност, бидејќи најголемиот еко-систем на корални гребени во светот е изложен на значително негативно влијание од климатските промени и затоплувањето на океаните, препорача денеска панел на ОН.

Избелувањето на гребенот се случува кога водата станува премногу топла, поради што коралите ги исфрлаат разнобојните алги кои живеат во нивните ткива и стануваат бели.

Коралите можат да го преживеат избелувањето, но тоа негативно влијае врз нивниот раст и репродукција, што пак ја намалува нивната отпорност на климатските промени, се вели во извештајот на УНЕСКО.

Научниците на УНЕСКО го посетија Големиот австралиски гребен во март, а извештајот за состојбата со еко-системот се очекуваше да биде објавен пред состанокот на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО закажан за јуни во Русија, што беше одложен поради војната во Украина.

Според официјалните податоци, околу два милиони туристи годишно го посетувале гребенот што се наоѓа на североисточниот брег на Австралија поред коронавирусот, обезбедувајќи вработување за 64 илјади лица.

Австралиската влада оваа година издвои зголемени средства за борба против климатските промени, со цел да избегне ставање на Големиот корален гребен на листата светско наследство во опасност, бидејќи смета дека во тој случај би претрпела значителни загуби од туризмот.

Тагови

Поврзани вести