Македонија
Главни задачи за новите локални власти: Хигиена, загаден воздух, дивоградби…
Анкетирањето беше спроведено од 9 до 21 септември со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници.

Неефикасна комунална хигиена, загаден воздух, интензивната урбанизација, немање паркинг, кучиња скитници, проблеми со водовод и канализација… Ова се главните проблеми кои испитаниците од истражувањето на МКД.мк ги истакнале како главни задачи за новите локални власти пред претстојните Локални избори. Истражувањето го спроведе агенцијата Маркет вижн од 9 до 21 септември.
Oд досега понудените програми на кандидатите за градоначалници за претстојните Локални избори, најголемиот број од испитаниците одговориле дека понудата на припадниците на владејачјата коалиција е позитивна (37,2%), а негативен одговор дадоа 29,8 отсто од испитаниците.

Од понудените програми на кандидатите од опозицијата за претстојните локални избори незадоволни се 38,6 отсто од испитаниците, а позитивен одговор дале 20,1 отсто.

Според одговорот на прашањето за оценката на квалитетот на животот во општината каде што живеат најзадоволни се жителите на општините Тетово, Струмица, Велес, Охрид, Кисела Вода, Карпош, Центар, Куманово… Незадоволни од квалитетот на животот се жителите на Чаир, Гази Баба, Прилеп…

Дури 65 отсто од испитаниците на листата на најголеми проблеми со кои се соочуваат во нивните општини се хигиената, загадениот воздух, интензивната урбанизација, улиците, немањето паркинг, проблемот со кучињата скитници и нефункционирањето на водоводот и канализацијата.

За најголемиот број на испитаници и натаму еден од најважните проблеми со кои власта мора да се соочи е криминалот и корупцијата, ниските плати, растот на цените… Забележливо е дека проблемот со загадениот воздух во однос на претходното истражување (јуни 2025) е значајно истакнат – од 1,9% на 8,7%.

Анкетирањето беше спроведено од 9 до 21 септември со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.