Економија
Германски гиганд во финансиска криза: Милијарди загуби, масовни отпуштања и неизвесна иднина
Германскиот гигант за автомобилски компоненти ZF се соочува со сериозни финансиски предизвици, откако приходите на компанијата паднале за околу 11 отсто, што значи загуба од 5,2 милијарди евра во споредба со 2023 година, објави Евримагаци.

Според извршниот директор Холгер Клајн, главните причини за кризата се високите трошоци за реструктуирање, кои достигнале 600 милиони евра, како и намалената побарувачка за електрични возила. Дополнителен товар претставува огромниот долг на компанијата, кој надминува 10 милијарди евра, што ја принудува ZF да преземе драстични мерки за да ја стабилизира својата финансиска состојба.
Отпуштања и намалување на работната сила
Како дел од мерките за намалување на трошоците, ZF најави отпуштање на 4.000 работници во блиска иднина. Во Германија, пак, до 2028 година ќе бидат укинати 14.000 работни места, што е значителен удар за вработените. На крајот на 2024 година, компанијата вработувала 161.631 луѓе, што претставува пад од 4 отсто во однос на претходната година. Само во Германија, бројот на вработени сега изнесува 52.000.
Ситуацијата е особено критична за фабриката во Сарбрикен, каде во 2024 година веќе биле отпуштени 1.300 работници, а се најавуваат и дополнителни кратења.
Контроверзна исплата на дивиденда
И покрај сериозните финансиски загуби и масовните отпуштања, ZF планира да исплати 40 милиони евра дивиденда на градот Фридрихсхафен, кој преку фондацијата Цепелин поседува 93,8 отсто од компанијата. Оваа одлука наиде на жестоки критики, бидејќи многумина сметаат дека вакви исплати не се оправдани во услови на длабока финансиска криза.
Потрага по стратешки партнери
За да ја обезбеди својата иднина, ZF бара стратешки партнери во секторот на погонски системи, но раководството засега не размислува за целосна продажба на делови од компанијата. Главната цел е реструктуирање и инвестирање во нови технологии, со надеж дека компанијата ќе се позиционира како лидер во иднината на автомобилската индустрија.
Сепак, со оглед на сегашните финансиски проблеми, закрепнувањето на ZF ќе биде долго и неизвесно.