Живот

Гебрејесус: Новата пандемија е прашање на време, мора да бидеме подготвени

Женева – Светот мора да се подготви за нова пандемија која, според генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, е неизбежна. Тој предупреди дека следната пандемија може да се појави за дваесет години, но и утре.

Нова пандемија може да избувне за 20 или повеќе години, а можеби и утре. Но, тоа ќе се случи – и во секој случај мора да бидеме подготвени, изјави Гебрејесус во обраќање пред меѓународната јавност.

Во своето излагање, тој потсети на трагичните последици од пандемијата со Ковид-19, истакнувајќи дека официјално се евидентирани околу седум милиони починати, додека реалната бројка се проценува на дури 20 милиони луѓе.

Ковид-19 ни покажа колку е кревка глобалната подготвеност за здравствени кризи. Не смееме да дозволиме истата грешка да се повтори, нагласи тој.

СЗО апелира до сите држави да вложат во јавното здравство, да зајакнат своите здравствени системи и да подготват брзи и ефективни одговори на можни епидемии. Гебрејесус ја нагласи потребата од глобална солидарност, соработка и инвестиции во превентивни мерки.

Со оглед на брзиот развој на вируси и зголемената поврзаност меѓу земјите, експертите се согласуваат дека прашањето не е дали ќе има нова пандемија, туку кога.

– Подготвеноста не е избор. Таа е императив за заштита на човештвото – заврши Гебрејесус.

Тагови

Поврзани вести