Македонија
[Галерија] Дивиот свет во Македонија низ објективот на Андреј Михајлов
Ќосе, Белоглав мршојадец, Кафеавата мечка, жабата Гаталинка и зелениот гуштер, се дел од животинките кои може да се забележат во природата низ Македонија.
Сакајќи да ја едуцира јавноста, студентот од Природно-математичкиот факултет Андреј Михајлов, редовно го фотографира и документира дивиот свет, а со тоа се труди и да ја подигне еколошката свест.
„Мислам дека луѓето кај нас не се доволно информирани за кревкоста на дивиот свет. Каде и да одам дали покрај езеро, река, во некоја шума по планините или поле, секаде истата приказна. Насекаде шут, ѓубре, мини депонии, загадени езера и реки од индустријата, криволов, нелегална сеча на шуми и подметнати пожари. Да не почнувам со аерозагадувањето, болниците ни се полни со деца поради разни респираторни болести“, забележа тој.
Михајлов е член на Истражувачкото друштво на студенти биолози – ИДСБ и Македонското еколошко друштво – МЕД, со кои често теоријата ја практикуваат преку теренски акции, собирајќи материјали за научни трудови и учејќи за екологијата, биологијата и заштитата на дивиот свет. Ова го поттикнало неговата идна професија да ја спои со омиленото хоби – фотографијата.
Според него, институциите треба многу повеќе да инвестираат во заштита на нашата биолошка разновидност. Како позитивен пример го посочи неодамнешниот случај кога два млади белоглави мршојадци кои од глад и изнемоштеност беа пронајдени паднати во Берово, беа ослободени во близина на хранилиштето за мршојадци на Витачево во близина на Кавадарци.
„Оваа приказна треба да биде пример дека ако се има желба може да се направат позитивни промени“, смета Михајлов.
Неговите фотографии од дивиот свет постојано добиваат бројни позитивни критики од јавноста и често се споделувани.
„Секако граѓаните треба да покажат поголема заинтересираност и мислам дека само со проактивност ќе ги решиме овие проблеми. Се надевам дека со галеријата на мојот Инстаграм профил ќе придонесам во едукацијата за нашиот див свет, а со тоа и подигнување на еколошката совест“, посакува тој.