Свет
ВУХАН И ПОНАТАМУ ПОД БЛОКАДА: Веќе 6 дена немаат новозаразени, а во градот владее војничка дисциплина
Во Вухан, од каде што и почна ширењето на новиот коронавирус, веќе шести ден по ред не е забележан ниту еден нов случај на заболен. Рестрикциите за движење во овој град кој е најголем во провинцијата Хубеи би требало да бидат укинати на 8 април. Животот полека се враќа во нормала, но не и луѓето.
Иако продавниците почнаа повторно да се отвараат, граѓаните како да се плашат да излезат надвор. По двомесечниот карантин, мал број на луѓе се осудуваат да се појават на улица.
Вухан, кој брои околу 11 милиони жители, беше ставен во карантин кон крајот на јануари. Властите прво донесоа одлука за стопирање на јавниот превоз и забранија влез и излез од градот. Исто така, беше донесена и одлука за стопирање на авиосообраќајот.
Речиси 11 милиони жители брзо се навикнаа на војничката дисциплина и успеаја да преживеат два месеци во карантин.