Свет
Во шкотскиот град Глазгов започна историскиот Светскиот климатски самит (КОП26)
Придружен со драматични предупредувања на научната заедница поради ескалацијата на климатската криза, денеска во 10 часот по локално време (ГМТ) во шкотскиот град Глазгов почна Светскиот климатски самит (КОП26).
По покана на Обединетите нации, претставници на влади од 200 земји две недели ќе разговараат како човештвото сè уште може да го запре забрзаното глобално загревање на планетата и да го одржи на прифатливо ниво.
Би-би-си јавува дека британскиот премиер Борис Џонсон го опиша самитот во Глазгов како „момент на вистината за целиот свет“.
Во говорот пред самитот, Џонсон ги повика светските лидери да го искористат моментот: „Прашањето што сите го поставуваат сега е дали ќе го искористиме овој момент или само ќе дозволиме да помине“.
Организаторите очекуваат 25.000 учесници, вклучително и илјадници новинари и активисти за зачувување на планетата.
Еколошките организации и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изразија жалење што многу земји не подготвиле поамбициозни планови за борба против глобалното загревање во последните две години, од последната конференција на ОН за климата во Мадрид, и што многумина го одложуваат отфрлањето на фосилните горива.
На климатската конференција КОП26 до 12 ноември владините претставници од целиот свет треба да дефинираат заеднички политики и мерки како одговор на климатската криза и да ги исполнат ветувањата дадени на претходните самити со Парискиот договор од 2015 година.
За загревањето на атмосферата е одговорен човекот поради зголемените емисии на стакленички гасови, а последиците се почести и екстремни временски настани. Примери за ова се неодамнешните поплави во Германија, сушите во Сахел во Африка и разорните пожари во Калифорнија и Русија.
Борбата против климатските промени е една од главните теми и на состаноците во Рим, на шефовите на држави и влади на 20-те најмоќни индустриски развиени земји во светот, а завршува денеска.
Сепак, надежите дека политичарите собрани во Рим ќе испратат силен сигнал до конференцијата во Глазгов згаснаа поради несогласувањата на учесниците, поради што во завршната декларација сѐ уште нема јасна временска рамка за постигнување „нула емисии“ на стакленички гасови ниту договор или цел за укинување на субвенциите за фосилни горива.
Колку Земјата веќе се загреа?
Земјата веќе е потопла за околу 1,1 Целзиусов степен во однос на прединдустриските нивоа, а на некои места овие нивоа се уште повисоки, на пример во Германија 1,6, пишува германската агенција дпа.
На конференцијата за климата во Париз пред шест години меѓународната заедница се согласи да го ограничи глобалното загревање на максимум 2 Целзиусови степени, или 1,5. До денес, стратегиите и плановите поднесени од државите не се доволни.
Друга важна тема на конференцијата во Глазгов е финансирањето на штетите и загубите предизвикани од глобалното загревање, особено во сиромашните земји.
Гутереш ги повика Г20 да ја исполнат својата претходна обврска за пренасочување 100 милијарди долари годишно за да им помогнат на земјите во развој да се справат со растечките проблеми поврзани со климатските промени.
Папата Франциско, кој го постави зачувувањето на планетата на самиот врв на својот понтификат, испрати порака до политичките лидери да им дадат „конкретна надеж“ на идните генерации со носење радикални одлуки на претстојниот самит за климата во Глазгов.
Ватикан испраќа делегација на самитот, но 84-годишниот папа ќе отсуствува поради операцијата што ја имаше претходно годинава.