Воздух
Во Скопје денес индексот на загаденост е 161
Во главниот град во моментов се измерени 161микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, што, според специјализираната интернет страница „Ај-кју-ер“ е 15 пати поголема концентрација на оваа честичка од годишната вредност на упатството за квалитет на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО).
Пред македонската метропола, на листата на градови до овој момент со најзагаден воздух се најдоа Делхи и Мумбај во Индија, Лахоре и Карачи во Пакистан и Вроцлав во Полска.
„Ај-кју-ер“ синоќа пак, објави уште позагрижувачки податок за воздухот кој се дише во Скопје. Главниот град на Македонија во 21 часот се најде на 4-то место во светот според загаденоста на воздухот, пред Скопје се само огромните градови и индустриски центри од Азија, Мумбај, Њу Делхи и Карачи.
Загаденоста ја потврдуваат и поединечните мерни станици поставени низ главниот град. Според платформата pulce.eco во моментов на најголемиот дел од мерните станици низ Скопје се регистрираат екстремно високи нивоа на ПМ10 честички. Најзагадено е во Маџир маало каде се измерени речиси 206 µг/м3 ПМ10 честички, а меѓу 150 и 200 µг/м3 се регистрираат и во центарот на градот и Општините Бутел, Гази Баба и Аеродром.