Македонија
Во Македонија се рециклира само 1,4 отсто од пластичниот отпад , а над 8 000 тони батерии и електрична опрема
Само 1,4 отсто од пластичниот отпад во Македонија се рециклира и тоа е поразителен податок, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање и додаваат дека немаат надлежност да извршат притисок на општините да организираат селекција на пластиката.
Што се однесува до преработка на други видови отпад, состојбата е нешто подобра. Според податоците што ги обработило МЖСПП, во 2020 година биле рециклирани 3 620,345 тони отпадна електрична и електронска опрема, 5 038,854 тони отпадни батерии и акумулатори и 2 808,702 тони отпад од пакување.
Речиси милион тони комунален отпад годишно или 452 кг отпад по жител
Инаку, вкупното количество на создаден комунален отпад во Македонија во минатата година изнесува 913.033 тони. Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2020 година изнесува 452 кг по жител, што е за 1.0 отсто помалку од истото количество во 2019 година.
Најголемото количество на собран комунален отпад (99.8 отсто) се исфрла на депонија.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во Македонија во 2020 година изнесува 630 086 тони. Споредено со 2019 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2020 година бележи намалување од 0.4 отсто.
– Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион – 170 660 тони или 27.1 отсто од вкупното собрано количество во Македонија. Од вкупното количество на собран комунален отпад, 522 954 тони или 83 отсто се собрани од домаќинствата, а останатите 17 отсто од правни и физички лица (комерцијален отпад) – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
За тоа каков комунален отпад најмногу се собира, еве што покажуваат податоците од Државниот завод за статистика:
Според видовите отпад, најголемо количество на собран отпад е измешаниот комунален отпад – 525 745 тони или 83.4 отсто. Зачудувачки е фактот што најмало е количеството на отпадот од гума – 1 005 тони или 0.2 отсто од вкупното количество собран комунален отпад.
Во собраниска процедура пакет нови закони за управување со отпадот
За последниот извештај на Државниот завод за ревизија во врска со преработка на отпадот, м-р Ана Каранфилова Мазневска, раководителка на секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина, вели:
– Според овој извештај, само 1,4 отсто од пластичниот отпад се рециклира и ова е поразителен податок! Сепак, треба да се земе предвид дека тука не се вклучени количините кои се собираат и предаваат на рециклаторите од страна на неформалниот сектор. Реалната состојба е дека има поголем процент на рециклирана отпадна пластика, но за жал, тоа не е евидентирано согласно со законот – изјави Каранфилова Мазневска.
Во врска со тоа дали МЖСПП предлага измени на законите за состојбите кај нас да се подобрат и повеќе отпад да почне да се рециклира, како и до каде се иницијативите – стојат ли во фиока или се прифакаат, таа објаснува:
– МЖСПП подготви пакет од шест нови закони во делот на управување со отпадот и истите се во собраниска процедура, на ЕНЕР се сите предлог текстови од законите.
За тоа каде најмногу во светот се рециклира отпадот, Каранфилова Мазневска ги посочува земјите членки на ЕУ, Австралија, Канада и Кина дека се најдобри во рециклирање, а најслаби се африканските земји.
Короната го сопрела откупот на отпадната пластика
А во една од компаниите коишто откупуваат и рециклираат отпадна пластика во Скопје велат дека пандемијата со коронавирусот влијаела и врз оваа дејност – рестораните и други угостителски објекти не работеле, па значително се намалил и интересот за предавање на оваа амбалажа.
– За среќа, веќе почна да се менува состојбата и овие два месеци се зголемува интересот за откуп на пластика, отпад којшто заради короната не се ни создаваше како претходно. Забележуваме се поголем интерес, а и цените почнаа да растат, па наместо осум денари за килограм пластика, сега тој отпад чини 10 денари – велат во оваа компанија.
Оттаму нагласуваат дека би сакале да ги достигнат бројките на откуп на отпадна пластика од минатите години. На пример, во 2013 година во откупувале и рециклирале околу 500 до 700 тона отпадна пластика месечно од пазарот во Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора.
пренесува нова