Македонија
Во Куманово клупа од градскиот кеј скршена и фрлена во река
Непознати сторители скршиле една од клупите на градскиот кеј и ја фрлиле во коритото на реката Кумановка. Ова не е првпат клупите да се кршат или оштетуваат на градскиот кеј.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, го осуди овој чин и рече дека искршените клупи на кејот повторно ќе се направат.
„Вандализмот нема граница, можеби само на момент те прави да се чувствуваш одважен, но всушност си толку многу неодговорен и штетен за заедницата. Ние уништените клупи на градскиот кеј повторно ќе ги направиме, но време е и да го заштитиме заедничкиот имот“, додаде Димитриевски.
На последната седница на Советот на Општина Куманово за 2020 година, во буџетот за 2021 година беа предвидени 2 милиони денари за поставување на камери на повеќе локации во градот, со цел да се спречи вандализмот.
Пренесува: KumanovoNews.mk