Македонија

Вонредна инспекциска контрола во погонот каде медицинскиот отпад бил само дробен и носен во Дрисла

По објавените информации за несоодветно уништување на медицински отпад, Државниот инспекторат за животна средина од вчера е во вонредна контрола во погонот на фирмата „Еко клуб“ во кругот на поранешната фабрика Металски завод Тито (МЗТ).

Вчера градоначалникот на Скопје објави снимки направени лани во декември како во оваа фирма несоодветно се третира медицинскиот отпад и се носи во депонијата Дрисла. Овој случај тогаш беше пријавен во Основното јавно обвинителство, но од таму сѐ уште нема никаков одговор.

„Извршен е увид во издадените дозволи за вршење третман на медицински отпад и воспоставeн e контакт со Државниот инспекторат за животна средина за дополнителни информации во однос на спроведените надзори. Од ДИЖС известија дека последниот надзор на терен над правното лице бил извршен на 12 декември 2019 година, каде со записник било констатирано дека компанијата работи согласно законските прописи и издадените дозволи. По денешното сознание, на барање на министерството во моментов се прави вонреден увид на локацијата, а за наодите од истиот јавноста ќе биде благовремено информирана“, соопшти Министерството за животна средина.

Шилегов вчера кажа дека медицинскиот отпад донесен од Битола во погонот во МЗТ не се обработувал термички, туку само се дробел и со несоодветен транспорт бил носен на депонијата Дрисла.

Од снимките на инспекторите на град Скопје направени исто така лани во декември се гледа како медицинскиот отпад не се преработува, шприцеви, игли, крвави гази и друг медицински отпад е во контакт со кучиња скитници, а потоа сѐ се префрлало во камион за транспорт, незаштитен во посебни ќеси како што е постапката за депонирање на ваков вид отпад. Од отпадот се цедела и крв.

Тагови

Поврзани вести