Македонија
Водостојот на реките во Кумановско е значително намален
Водостоите на реките во Кумановско се значително намалени, покажуваат мерењата на надлежните институции и податоците на Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.
Според последните податоци на Управата за хидрометеоролошки работи водостојот на Пчиња кај Пелинце денеска изнесува 22, вчера бил 23 сантиметри што е значително намалување на просекот во септември кој изнесува 34 сантиметри.
– Во однос на хидролошката состојба на реките кои гравитираат во и вон Куманово во месец септември се значително намалени во однос на истиот период лани и во овој момент изнесува 24 сантиметри од котата на реката Пчиња, 11 сантиметри од Крива Река. Во однос на критичните точки на Кумановка, Липковка и Којнарка, напоменуваме дека во текот на 2020 година, водостопанство „Кумановско-Липковско поле“ во соработка со општина Куманово извршија чистење на овие реки во должина од четири километри на Којнарка, Кумановка е чистена во течението во урбаната средина како и делови од реката Липковка, така што не постои можност за излевање. Дефинирани се хидрауличните пресеци на сите речни корита како и формирање на бедеми на двете од речните корита. Двете акумулации Липково и Глажња се во добра позициона состојба што значи дека имаат доволно капацитет за потребите за водоснабдување на населението, изјави Сашо Стојковски, дежурен оперативец во РЦУК Куманово.
Водостопанство „Кумановско-липковско“ поле изминатиот период ги чистеше речните корита на треите реки кои течат во урбаната средина. Изминатиот месец се чистеше коритото на Кумановка покрај кејот, а според најавите на надлежните чистењето ќе продолжи сѐ до Проевце.