Македонија
Владиката Тимотеј денеска ќе биде погребан на Плаошник во Охрид
Посмртните останки на упокоениот Митрополит Дебарско-кичевски, господин Тимотеј, ќе бидат погребани денеска на пладне, во јужната апсида на храмот на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.
Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, почина завчера во Скопје каде неодамна беше хоспитализиран поради проблеми со срцето.
Владиката Тимотеј раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981 година како нејзин Администратор со седиште во Охрид, од каде што со голем елан, самопрегор, трпеливост и тактичност ќе раководи и со Австралиската аперхија до 1995 година, кога доброволно ја отстапува на друг надлежен архијереј.
Изминатите 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како беше секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ.